Две лица вработени во Агенцијата за вработување заработија кривични пријави поради сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување.
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против Н.М. (48) и В.З. (60), двајцата од Скопје, бидејќи во периодот од 20 ноември 2020 до 22 јануари 2021, спротивно на член 13 став 1 точка 1,2,3,и 4 од Законот за вработување и работа на странци, изготвиле и издале 14 обрасци за пријава на работа на странци на територијата на С Македонија на правно лице со што всушност легализирале нелегален престој и работа на вкупно 87 лица странски државјани, без да добијат дозвола за легален привремен престој заради работа на странец и без да засноваат легален работен однос според законската регулатива согласно Законот за работните односи.
„На тој начин пријавените му овозможиле на правното лице да избегне плаќање на давачки кон државата по основ на персонален данок на доход и плаќање на давачки за придонеси по основ на задолжително социјално осигурување во износ од 593 056 денари, за која сума правното лице прибавило противправна имотна корист и воедно за истиот износ пријавените предизвикале штета на буџетите на Фондовите на Република Северна Македонија“,
информира Министерството за внатрешни работи.