По брза постапка, полицијата поднесе кривични пријави против 12 лица и ги товари за „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“. Станува збор за учесници на протестот против францускиот предлог кои пред два дена го демолираа надворешниот дел на Собранието. На протестот повредени беа 47 полицајци, а првично уапсени 11, па потоа уште 1 демонстрант.
Пријавените лица синоќа се изведени пред судија на претходна постапка, од чија страна на едно лице му е изречена мерка притвор, а на седум лица мерка куќен притвор, посочуваат од МВР.
„Во врска со извршено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, по чл. 385 од Кривичниот законик, сторено на 05.07.2022 година за време на граѓански собир пред Собранието на РСМ, при што беа повредени 47 полициски службеници и извршено е оштетување на зградата на Собранието на РСМ, зградата на Владата, Министерството за надворешни работи, како и полициска куќарка, полициско возило и разни видови полициска опрема, од слобода беа лишени најпрво 11 лица, а по утврдување на идентитетот, дополнително уште 4 лица, или вкупно 15 приведени лица, од кои три малолетни. Од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал, по преземени мерки и активности, против 12 лица е поднесена кривична пријава во брза постапка. Пријавените лица во текот на вчерашната вечер се изведени пред Судија на претходна постапка, од чија страна на едно лице му е изречена мерка притвор, а на седум лица мерка куќен притвор“,
се вели во соопштението на МВР.