Кривична пријава за Т.П. (61) од Гевгелија бидејќи во неделата на 25 април организирал протест на кој не се почитувале мерките за заштита од ковид.
Како што информира полицијата, денеска е поднесена кривична пријава против едно лице од Гевгелија поради непочитување на мерките за заштита на населението од заразни болести на протестот организиран во неделата на 25 април пред Владата и Собранието.
„СВР-Скопје до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава по чл. 206 од КЗ против Т.П. (61) од Гевгелија, бидејќи на 25 април организирал протест пред објектите на Влада и Собрание на РСМ и не се почитувани мерките за заштита на населението од заразни болести“,
се вели во соопштението.
Протестот што се одржа во неделата започна 11 часот со собир пред Владата, а потоа толпата се упати кон Собранието. На протестот се бараше ослободување на „уставобранителите“ кои издржуваат казна затвор за насилните настани од 27 април 2017 година. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека не е во директна организација на протестот, но сепак даде поддршка.
