Градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, доби кривична пријава поради кршење на Законот за средно образование. Тој четири пати именувал ист директор на училиште без тој да има положено испит за директор
За кривичната пријава за Папазов реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека се работи за партиски реваншизам

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани до Основното јавно обвинителство денеска поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов (63), поради основано сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување по член 353 став 1 од Кривичниот законик.
Како што соопштија денеска од МВР, тој во својство на службено лице – градоначалник на Општина Кочани, со искористување на својата службена положба ги пречекорил границите на своето службено овластување и на 6 декември 2021 година по првпат го именувал С. З. за в. д. директор на СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани и продолжил да го именува по втор, трет и четврти пат, иако бил должен да знае дека лицето кое го именувал не го положило испитот за директор во законски утврдениот рок од една година и не ги исполнува условите за вршење на должноста.
„Со наведеното дејствие, пријавениот постапил спротивно на член 93-в од Законот за средно образование и му овозможил на лицето да се стекне со противправна имотна корист во вкупен паричен износ од околу 63 552 денари“,
се појаснува во соопштението од МВР.
За кривичната пријава за Папазов реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи дека се работи за партиски реваншизам.
„Денес МВР на претендентот за претседател на државата Спасовски и Ковачевски, под налог на ДУИ открија голем и страшен криминал. Значи не е тендер, не е матна милионска зделка во четири очи, не е ниту дуќан, зграда или ‘ауди’ кое необјасниво станало директна или индиректна сопственост на некој кој е на функција. Туку Папазов од Кочани именувал директор на школо кој не бил по ќефот на власта. Затоа заработи кривична пријава, а МВР пушти соопштение небаре откри голем криминал, а не директен партиски реваншизам. Со ваква полиција, со ваков несуден кандидат за претседател кој ја води полицијата и со ваков премиер, криминалците немаат мака, мирно си спијат и си работат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.