Општина Битола ќе го гони претходниот градоначалник Владимир Талески за легализација на планинарскиот дом „Копанки“. Градоначалничката Наташа Петровска денеска соопшти дека Општината поднела кривична пријава против Талески и други лица за злоупотреба на службена положба за незаконска постапка за легализација. Претходно, Петровска го поништи решението за легализација на „Копанки“ за Општината да го земе под своја надлежност.
„Потоа, засегната страна односно планинарскиот спортски клуб ‘Пелистер’ поднесе жалба до Министерството за транспорт и врски, а Министерството за транспорт и врски се произнесе и донесе решение со кое утврди дека жалбата на ПСК ‘Пелистер’ е неоснована. Замолувам судството побрзо да ги решава сите судски спорови кои одамна се почнати, а до денес не го виделе светлото на денот бидејќи излегувањето на правдата на виделина е во интерес на сите граѓани“,
изјави Петровска.
Со години траат препукувањата околу сопственоста за планинарскиот дом „Копанки“, кој беше уништен во пожар. Претходно, планинарско-скијачкиот клуб „Пелистер“, кој стопанисуваше со објектот, го даде „Копанки“ под концесија на приватник, а домот беше целосно уништен во пожарот кој избувна зимата во 2013 година. Тогашниот градоначалник Талески најави финансиска помош за реконструкција потенцирајќи дека за тоа ќе треба да се заврши постапката за легализација, за која сега му е поднесена кривична пријава.
Во меѓувреме, планинари и рекреативци во неколку наврати сами се обидуваа да го реконструираат едно од омилените места на битолчани. Петровска тврди дека Општината е подготвена целосно да го реконструира планинарскиот дом, но ќе се чека завршување на судскиот процес.