Против З.Р. ќе биде поднесен и предлог за поведување на постапка за утврдување одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки, како и отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР поднесе кривична пријава против полицискиот службеник З.Р., вработен во Полициската станица за граничен надзор Чашка. Тој се товари за сторено кривично дело предизвикување општа опасност.
Пријавата е доставена до Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Според информациите од МВР, инцидентот се случил на 22 мај оваа година во дворот на семејната куќа на пријавениот.
За време на семејна прослава, на која присуствувале поголем број гости, полицискиот службеник испукал повеќе истрели од огнено оружје. Со ова З.Р. предизвикал опасност за животот и телото на сите присутни на веселбата.
Кривичната пријава е поднесена по член 288 став 3 од Кривичниот законик.
Покрај кривичниот прогон, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против З.Р. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки како и отстранување од работното место до завршување на дисциплинската постапка.
