Градоначалникот се товари дека за директори во детска градинка во општината именувал лица кои не биле вработени во таа установа и покрај тоа што во законот е нагласено дека именувањето на оваа функција треба да биде од редот на вработените
Градоначалникот на скопската општина Шуто Оризари, Курто Дудуш доби кривична пријава за несовесно работење во службата.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата” по член 353 од Кривичниот законик.
Според полициското соопштение, пријавениот се товари дека за директори во детска градинка во општината именувал лица кои не биле вработени во таа установа и покрај тоа што во законот е нагласено дека именувањето на оваа функција треба да биде од редот на вработените во детската градинка.
„Во текот на 2020 и 2024 година пријавениот К. Д. (49), градоначалник на скопска општина несовесно постапил во извршување на своите овластувања при спроведување на управна постапка и ги повредил законските прописи на начин што постапил спротивно на Законот за заштита на деца – член 126“,
се вели во соопштението од МВР.