Во својство на градоначалник, Костадинов ги пречекорил правилата на постапката за јавна набавка на автобуси за потребата на ЈСП „Струмица-Транспорт“ и го ангажирал Г. П. како одговорен за технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементација и реализација на договорот, иако не ги поседувал потребните квалификации и потребната А-лиценца за надзор од областа на електротехника
Струмичката полиција поднесе кривична пријава против доскорешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и уште пет други лица поради злоупотреба на постапката за јавна набавка на 10 електрични автобуси во вкупна вредност од 6,9 милиони евра.

Според пријавата поднесена до ОЈО Струмица, Костадинов се товари за кривичното дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
„Кривични пријави се поднесени и против Д. П. С. (61) од Струмица, К. Б. (37) од Богданци, Л. Ј. (63) од село струмичко Ново Село и Л. Ѓ. (62) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело несовесно работење во службата, и против Г. П. (58) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека помогнал во извршувањето на кривичните дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и несовесно работење во службата“,
наведуваат од МВР.
Во пријавата се наведува дека во својство на градоначалник, Костадинов ги пречекорил правилата на постапката за јавна набавка на автобуси за потребата на ЈСП „Струмица-Транспорт“ и го ангажирал Г. П. како одговорен за технички прашања, учество во техничката евалуација на понудите, надзор над имплементација и реализација на договорот, иако не ги поседувал потребните квалификации и потребната А-лиценца за надзор од областа на електротехника која ја издава Комората за овластени архитекти и овластени инженери.
Костадинов ги повредил прописите на постапката за јавна набавка и преку договарање со Г. П. на начин што во тендерската документација биле наведени спецификации кои речиси идентично одговарале токму на спецификациите на набавените електрични автобуси.
Пријавениот Д. П. С. во својство на директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“, не извршил надзор над целокупната постапка и на 12 март 2024 година го потпишал Договорот за јавна набавка на 10 нови електрични автобуси преку финансиски лизинг.
„Пријавената К. Б., во својство на претседател на комисијата за јавни набавки при ЈСП ‘Струмица-Транспорт’, заедно со пријавените Л. Ј. и Л. Ѓ., во својство на членови на комисијата за јавни набавки, во тендерската документација за отворената постапка за јавна набавка на електрични автобуси за јавен превоз преку финансиски лизинг за потребите на ЈСП ‘Струмица-Транспорт’, како одговорно лице задолжено за следење на реализацијата на договорот го определиле пријавениот Г. П., кој бил носител само на лиценца Б за надзор од областа на електротехниката, не бил квалификуван за тие работни задачи во предметната јавна набавка, немал ниту право да одговара на технички прашања, да учествува во техничката евалуацијата на понудите, да врши надзор над имплементацијата и целосната реализација на договорот“,
додаваат од МВР.
Оттаму посочуваат дека освен причинетата материјална штета од поголеми размери, со набавката се доведени во прашање реалната вредност, квалитетот, безбедноста и веродостојноста на техничките спецификации на набавените електрични автобуси.
