Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за пријавените полициски службеници ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност
Одделот за внатрешна контрола при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 10 полициски службеници од Единицата за брзо распоредување. Тие осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, со што го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи за 1 098 120 денари. Како што информираат од МВР, службениците земале пари за патни трошоци за денови кога не патувале до работното место во Скопје. Против нив ќе биде поднесен и предлог за дисциплинска постапка.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано оддделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против полициските службеници К.Ѓ., Г.Д., Н.С., И.Г., Д.Д., Д.Д., Н.М., С.С., З.Т. и Д.Т., сите вработени во Единицата за брзо распоредување, поради постоење основи на сомнение дека извршиле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување казниво по член 353 од Кривичниот законик“,
стои во соопштението од МВР.
Пријавените, додаваат од МВР, со намера за себе да прибават противправна имотна корист, искористувајќи го стекнатото право за надомест на патни трошоци, поради тоа што по лична карта се воделе со место на живеење надвор од Скопје, ја злоупотребиле службената положба на начин што примале парични средства од Министерството за внатрешни работи за денови во кои не патувале од своето место на живеење до работното место во Скопје и обратно, со што во периодот 01.12.2023 до 17.09.2024 го оштетиле буџетот на Министерството за внатрешни работи во вкупен износ од 1 098 120 денари.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди за пријавените полициски службеници ќе поднесе и предлог за поведување на постапка за утврдување на дисциплинска одговорност.