Ова е одговорот на иницијативата која денеска 75 адвокати ја испратија до Судскиот совет и до Врховниот суд, како и до премиерот и надлежните министри и сите амбасади во земјава со која бараат одложување на судските рочишта во овие услови
Согласно одлуката на Судскиот совет и Министерството за правда, во судот на дневна основа се закажани не повеќе од десет судења за итни и неодложни предмети и тоа во зграда со 25 судници распоредени на седум ката, велат од Основниот кривичен суд Скопје.
Ова е одговорот на иницијативата која денеска ја испратија 75 адвокати до Судскиот совет и до Врховниот суд, како и до премиерот и надлежните министри и сите амбасади во земјава со која бараат да прекинат времено сите судски постапки, освен оние каде што се одлучува за определување притвор, Владата да донесе уредба со законска сила, со која ќе се спречи застарување на предметите, судските сали да се дезинфицираат по секое рочиште, да се обезбедат заштитни маски и ракавици за секое лице што ќе влезе во судовите
Од судот апелираат до дел од адвокатите да не манипулираат со јавноста во однос на условите за водење на судските расправи и почитувањето на мерките на Светската здравствена организација и Владата во однос на превенција за ширење на коронавирусот.
„Согласно одлуката на Судскиот совет и Министерството за правда, изготвена е листа од околу 300 итни и неодложни предмети кои се закажани во текот на март и април, од која листа во судот на дневна основа се закажани не повеќе од 10 судења и тоа во зграда со 25 судници распоредени на седум ката. Токму затоа и судењата со поголем број странки се одвиваат во една од трите поголеми судници каде што има дооволно простор и оддалеченост меѓу присутните како што беше и денешниот пример со предметот во јавноста познат како ‘Титаник’ на кој во делот за јавност имаше и присутни претставници на медиумите“,
се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Од Кривичниот суд исто така нагласуваат дека судот редовно се дезинфицира, се мери температура со бесконтактен уред на секој што влегува во зградата, се користат медицински маски и стерилни ракавици и фреквенцијата на луѓе е сведена на минимум.
Од Судот исто така ги повикуваат медиумите и претставниците на невладините организации кои ја следат работата на судот, доколку се во можност да присуствуваат не некоја од идните закажани расправи за да се уверат во условите за судење.
„Судот, сè до добивање нови упатства од Судскиот совет и Министерството за правда, е должен да се води по нивните досегашни одлуки и да ги штити правата на обвинетите и оштетените во постапките“, се вели во соопштението од Кривичниот суд Скопје.
Судот уште еднаш апелира дека и адвокатите кои ги критикуваат мерките што ги презема судот, а дел од нив од претходно ги известиле судиите дека се спречени да присуствуваат на судењата и воопшто не се појавиле во судската зграда изминатите денови, дека сите подеднакво треба да ги почитуваме препораките и да дадеме придонес во борбата со вирусот.