На второосомничената и третоосомничената – претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска – Судот им определи мерки на претпазливост
Основниот кривичен суд Скопје им определи мерка 30-дневен притвор на првоосомничениот и мерки на претпазливост на второосомничената во проширената истрага за случајот „Адитив“ за кои Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) вчера покрена постапка.

На третоосомничената, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, Судот вчера информира дека ѝ се определени мерки на претпазливост.
„Против Б.Н. осомничен за кривичните дела злосторничко здружување, злоупотреба на постапка за јавни набавки и перење пари и други приноси од казниво дело, му определи мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.1, 2 и 3 од ЗКП додека за Б.П.М. и Т.Д. осомничени за кривичното дело оддавање службена тајна, го прифати предлогот за определување мерки за претпазливост согласно чл. 146 ст.1 т. 3 и т. 7 од ЗКП, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање нова и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело“,
наведуваат од Кривичниот суд.
Против решенијата на Судот осомничените имаат право на жалба пред Кривичниот совет.
Актуелната претседателка на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, со која е проширена истрагата за случајот „Адитив“, е осомничена дека преку апликации за пораки му оддавала службени тајни на друг обвинет.