Во интервју за „Ток ТВ“ (TalkTV), што го даде месецов, по што неговата иднина во Манчестер Јунајтед се најде на стаклени нозе, Роналдо, меѓудругото, рече дека не чувствува никаква почит кон менаџерот на клубот, Ерик Тен Хаг
Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо повеќе не е член на англискиот клуб Манчестер Јунајтед, соопштија денеска од клубот. Одлуката за заминување на Роналдо од „Олд Трафорд“, како што соопштија од клубот, стапува на сила веднаш, а доаѓа откако португалскиот интернационалец во интервју упати остри критики до раководството на клубот и рече оти се чувствува „предадено“.

Во интервјуто за „Ток ТВ“ (TalkTV), што го даде месецов, по што неговата иднина во Манчестер Јунајтед се најде на стаклени нозе, Роналдо, меѓудругото, рече дека не чувствува никаква почит кон менаџерот на клубот, Ерик Тен Хаг.
Португалецот се врати во Манчестер Јунајтед во август 2021 година, тимот за кој претходно настапуваше од 2003 до 2009 година и со кој освои осум големи трофеи.
Од Јунајтед минатата недела рекоа дека ќе се справат со коментарите на Роналд само откако во целост ќе бидат утврдени фактите. Минатиот петок од клубот соопштија дека презеле „соодветни чекори“.
„Кристијано Роналдо ќе го напушти Манчестер Јунајтер спогодбено и веднаш. Клубот му се заблагодарува на огромниот придонес во текот на двата периоди на Олд Трафорд. Постигна 145 гола во 346 настапи и му посакува на него и на неговото семејство среќна иднина“,
се наведува во соопштението на Манчестер Јунајтед.
Оттаму додаваат дека сите во Јунајтед остануваат фокусирани на продолжување со напредокот по водство на Тен Хаг, работејќи заедно на постигнување успеси на теренот.
Минатиот месец, менџарот Тен Хаг изјави дека Роналдо одбил да влезе како замена против ривалот од Премиер лигата Тотенхем. Наместо тоа, напаѓачот се прошетал низ тунелот на неколку миниту пред крајот на мечот.
Роналдо не беше дел од тимот ниту на натпреварот против Челси.
Подоцна, во интервју португалскиот фудбалер рече дека жали што заминал порано од натпреварот со Тотенхем, додавајќи дека таква одлука донел затоа што сметал дека Тен Хаг го „провоцира“.
Во денешната писмена изјава што ја пренесуваат медиумите, Роналдо рече дека ги сака клубот и навивачите.
„Тоа никогаш нема да се промени. Сепак, ми се чини дека е време да барам нов предизвик. Му посакувам многу успех на тимот во продолжението на сезоната и во иднина“,
се вели во изјавата на Роналдо.
Одлуката на Манчестер Јунајтер, Роналдо ја дочека во Катар каде в четврток со репрезентацијата на Португалија го очекува премиерниот натпревар на Мундијалот против Гана.
Од договорот со Манчестер Јунајтер на Роналдо му преостануваа нешто повеќе од седум месеци. Тој во англискиот клуб примаше плата од 500 000 фунти неделно. Заминувањето од Манчестер Јунајтер на португалецот му остава слобода да потпише со друг фудбалски клуб кога ќе се отвори преодниот рок во јануари.