„За жал, никој не ги мери последиците. Што ако утре, се најавува дека министер за односи меѓу заедниците ќе биде Стоиљковиќ, што ако каже дека се колне во Јужна Србија, како што некои од Србија велат за Македонија?! Или ако некој каже турска Македонија, или илириска Македонија, или албанска Македонија, тогаш ќе биде ли слобода на изразување или не“, вели сѐ уште актуелниот министер за правда, кадар на Алијанса за Албанците на Зијадин Села, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: Реагиравте на заклетвата на Гордана Силјановска-Давкова, рековте дека станува збор за ништовен чин, нудевте и примери од Америка кога претседателот Обама го тераат уште еднаш да ја каже заклетвата затоа што не ја кажал како што треба кога ја давал… Но, во меѓувреме, сè си помина мазно, па и претседателката, а еве и премиерот во најава, велат дека немаат намера усно да го користат уставното име, дека тоа ќе стои на документи, но нема да го користат вербално. Моето прашање до Вас во овој контекст би било – ако веќе сметавте дека е ништовна свечената изјава, зошто не покренавте иницијатива пред Уставниот суд?
Лога: Ние дискутиравме внатре во Министерството, а во меѓувреме јас побарав и професори по Уставно право, а и други експерти во врска со ова прашање. Политичкиот дел е побитен, бидејќи вие имате, од една страна, тензии со вашиот сосед сојузник. Утредента кај мене во кабинет дојдоа две медиумски куќи, преку нивен новинар, и ме праша за ова, и, за жал, и двете интервјуа не се објавени од двете телевизии – едната од Солун, другата од Атина. Ме прашаа кој е вашиот став за ова прашање, а јас си го кажав истиот став што беше објавен и на Фејсбук, но од друга страна кажав дека за овој дел, вие што помалку ќе се мешате во нашата земја, толку повеќе услуга ќе ни направите, бидејќи нашиот Устав ние си го браниме сами. Преку комуникација од мојот кабинет со тие медиуми не добивме одговор зошто не се објавени интервјуата.
360°: Што мислите вие, зошто не се објавени?
Лога: Па, надежта нивна беше дека јас ќе кажам други аргументи и зборови и, најверојатно, таа изјава ќе требаше да се користи во Грција за дневна политика во време на избори таму.
360°: Значи, не беа среќни со аргументацијата што ја користевте?
Лога: Да, бидејќи јас и денеска верувам дека нашиот Устав ќе треба да го браниме ние сами, не некој од надвор да се меша во овој дел.

360°: Зошто тогаш не покренавте иницијатива пред Уставен суд?
Лога: Значи, не покренав бидејќи не сакавме да долеваме бензин на огнот. Еве, има најава дека ќе имаме реприза од страна на владиниот кабинет, кога ќе имаме свечена заклетва во Собрание. И ако се повтори овој чин, тогаш мора Уставен суд не преку мене, не преку министерот или Кренар Лога, туку по допрен глас да отвори таква постапка, бидејќи ова прашање беше отворено од формален аспект и во Влада, бидејќи како ќе кажувате вие работи усно, а писмено да се потпишувате на нешто друго.
360°: Зошто принципот на слобода на изразување важи само усно, а не писмено, да речеме?
Лога: Да, тој дел е веќе манипулативен од страна на мандатарот.
360°: Ако е веќе тоа аргументацијата…
Лога: Не може да е, бидејќи се повторува оваа изјава на Давкова. За жал, никој не ги мери последиците. Што ако утре, се најавува дека министер за односи меѓу заедниците ќе биде Стоиљковиќ, што ако каже дека се колне во Јужна Србија, како што некои од Србија велат за Македонија?! Или ако некој каже турска Македонија, или илириска Македонија, или албанска Македонија, тогаш ќе биде ли слобода на изразување или не?! Значи, ако се игра со овие поими, ако се игра со уставното име на државата, ние отвораме пат што не верувам дека нè носи во добар правец.