Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека за Москва е важно сите овие процеси да не ѝ носат дополнителни проблеми на Русија и на односите на тие земји со Русија, а изрази и надеж дека оваа одлука нема да придонесе за влошување на односите меѓу Москва и Брисел
Одлуката на 27. земји членки на ЕУ да им доделат кандидатски статус за членство во Унијата на Украина и Молдавија, портпаролот на Кремљ ја оцени како внатрешно прашање на Европа.
„Ова е внатрешно прашање на Европа“,
изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој истакна дека за Москва е важно сите овие процеси да не ѝ носат дополнителни проблеми на Русија и на односите на тие земји со Русија.
Европскиот совет вчера донесе одлука на Украина и Молдавија да им се додели кандидатски статус за членство во ЕУ, што означува почеток на долг и сложен процес на пристапување во Унијата. На Грузија, пак, ѝ вети статус кога ќе спроведе одредени реформи.
Песков, меѓу другото, изрази и надеж дека одлуката на Европскиот совет нема да придонесе за влошување на односите меѓу Москва и Брисел, кои во моментов се на толку ниско ниво што е многу тешко дополнително да се влошат.
Тој воедно ја осуди желбата на Молдавија да стане поевропска од самите Европејци.
Лидерите на 27. земји членки вчера донесоа одлука да им се додели кандидатски статус на Украина и на Молдавија за влез во Европската Унија, откако претходно Европската комисија препорача нивни кандидатски статус.
Русија не се противи Украина да се приклучи во Европската Унија, но, со години ги критикува обидите на земјата да му се придружи на НАТО. Пред да им нареди на војниците да ја нападнат Украина во февруари, рускиот претседател Владимир Путин побара правни гаранции од САД дека Украина нема да биде примена во воениот сојуз.