Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочовска на денешниот брифинг со новинари кажа дека не е избрана финансиска институција од која земјава ќе позајми пари за изградба на брза пруга. Изборот, кажа таа, не ни може да се изврши бидејќи се пристигнати само необврзувачки понуди. Додаде и дека понудите се необврзувачки, меѓу другото, бидејќи земјава нема соодветна документација за изградба на брза пруга, на чие обезбедување дури неодамна почна да работи Министерството за транспорт
Пред неполни две недели, колегата на Димитриеска-Кочоска, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, даде изјави дека е избрана банка од која земјава ќе се задолжи за брзата пруга, иако дополни дека понудата е индикативна и дека се работи на конечната. Спротивен на министерката е и ставот од неговиот ресор дека техничката документација која допрва се работи не е по барање на потенцијалните кредиторите, туку за потребите на надлежни авторитети во Велика Британија
Процесот за избор на најдобра понуда за кредитирање на проектот брза пруга од Табановце до Гевгелија сè уште трае. Не само што трае, туку според зборовите на надлежната министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, во својата актуелна форма не ни може да заврши.

„Не може на нешто што е необврзувачко да извршиме избор“,
изјави денеска на брифинг со новинари министерката Гордана Димитриеска-Кочоска.
Овие зборови беа само почеток на подолгото објаснување од министерката кога ја прашавме за став по неодамнешните изјави на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој кажа дека е избрана банка за кредитирање на брзата пруга.
„Банката е избрана. Ние кажавме дека индикативна понуда избравме. Сега во моментов работиме на конечна”,
рече Николоски.
Димитриеска-Кочоска денеска пред новинарите во неколку наврати повтори дека инсистира на терминот „необврзувачка“ понуда, а не „индикативна“ бидејќи создава забуна. Па, во тој контекст, дообјасни дека необврзувачка понуда значи тоа што го кажува и самиот збор – нешто што со себе не носи обврска. А, пристигнатите понуди од потенцијалните кредитори биле такви затоа што земјава немала соодветни проекти и студии кога побарала понуди за кредитирање на брза пруга.
На прашањето на чие барање Министерството за транспорт распиша тендер, а потоа потпиша и договор вреден речиси еден милион евра за изработка на техничка документација, министерката за финансии беше децидна.
„Техничката документација се прави на барање на финансиските институции… Зошто би правеле физибилити студија ако сè е готово“,
кажа денеска на брифингот со новинарите министерката Димитриеска-Кочоска.
Ваквиот став на министерката е на иста линија со одговорот што „360 степени“ го доби писмено пред десетина дена. Прашањата и тогаш беа поттикнати делумно од јавните ставови на Александар Николоски, но и на премиерот Христијан Мицкоски, дека е избрана најдобра понуда за кредитирање.

„Во врска со доставените прашања, Ве информираме дека од изразениот интерес за финансирање на брзата пруга од страна на 16 финансиски институции, се разгледува една необрзувачка понуда. Процесот е во тек и доколку се утврди конечна понуда, ќе биде соопштена во јавноста”,
ни одговорија од Министерството за финансии.
Истата недела кога го добивме овој став од Министерството за финансии, јавни настапи на кои говореа и за кредитирањето на брзата пруга имаа и Александар Николоски и Христијан Мицкоски.
Премиерот, при настапот во „Тема на денот“ на ТВ Сител на 15 декември, кажа дека е избрана понуда од финансиска институција која ќе ѝ даде кредит на земјава за изградба на пругата. Ги користеше и термините „индикативна“ и „необврзувачка“ понуда.
„Во моментот, помината е фазата на избор на финансиска институција за изградба на пругата којашто е дел од Коридорот 10 и имаме необврзувачка индикативна понуда од банка којашто е најуспешна. Замислете, повеќе од 20 финансиски светски институции дадоа понуда. Меѓу нив е и ‘Бенк оф Америка’, меѓу нив беше ‘Стандард Чатер’, беа многу реномирани, ‘Дојче банк’, ‘Ерсте банк’, ‘Социет женерал’, ‘Мерил Линч’ и така натаму и така натаму, сега да не ги редам, врвни светски институции ја ставија Македонија на својата мапа, во бизнис-портфолиото и дадоа понуди. Вклучително и европските институции ЕБРД, ЕБОР и така натаму. Имавме таков процес, избравме понуда, којашто е необврзувачка, индикативна, и сега влегуваме во детални разговори како тоа се ќе изгледа и тој договор ќе влезе во парламентот. Ние нема да криеме нешто. Тој договор ќе влезе јавно во парламент. Нема да го класифицираме“,
изјави премиерот Мицкоски.
Дека е избрана банка кажа и вицепремиерот Александар Николоски на 17 декември. На прашањата на новинарите одби да каже која е избраната банка бидејќи станувало збор за ценовно чувствителна информација.
Пари, багери, проект
Министерството за финансии упати барање за пројавување интерес до 22 финансиски институции на средината на јуни годинава, за финансирање на брза пруга. Чекорот следуваше откако земјава во мај потпиша договор за соработка со Велика Британија, според кој официјален Лондон стана гарант на Македонија пред светските финансиски институции за задолжувања за инфраструктурни проекти во вредност до 5 милијарди фунти.

Министерството за финансии, заедно со барањето за пројавување интерес, ја испрати и целокупната документација за проектот со која до тој момент располагаше државата. На барањето возвратија 16 финансиски институции, со необврзувачки понуди.
На 14 август Министерството за транспорт распиша тендер, а потоа потпиша и договор за изработка на техничка документација за пругата вреден околу еден милион евра. Од Министерството за транспорт за „360 степени“ одговорија дека техничката документација не е поврзана со фактот што финансиските институции пратиле само „индикативни понуди“. Била за потребите на надлежните органи на Велика Британија, која ќе биде гарант на земјава пред кредиторот.
Според министерката за финансии, пак, тендерот за документацијата е токму поради кредиторите. Односно, за да има обврзувачки понуди, мора да има и соодветна документација.
На почетокот на летово вицепремиерот Александар Николоски ветуваше старт на работите на терен во септември. Потоа, говореше за багери на терен за после изборите, во ноември, или најдоцна за напролет. Во последните изјави вели дека пругата ќе почне да се гради летото или од септември 2026 година.
Последно е дообјаснувањето – што се подразбира за почеток на проектот. Во перцепцијата на народот, кажа, тоа биле багери на терен. Во суштина, се надоврза Николоски, проектот е веќе почнат со најбитните работи – документацијата.
Инаку, Николоски во август годинава изјави:
„Имаме мало ограничување од законот за изборите, а тоа е дека до завршувањето на локалните избори не смееме да носиме одлуки коишто имаат финансиски апликации. Веднаш после завршувањето на локалните избори ќе ги донесеме овие одлуки и после ќе видиме багерите на терен, зависно од временските услови.
– Дали се работи тоа веќе, дали се проектира на терен?
Се работи, се работи. Прашањето е, зависно од временските услови, имајќи предвид дека локалните избори завршуваат во првата недела од ноември, дали ќе видиме активности таму некаде крај на ноември, почеток на декември или во март“,
изјави Николоски за Канал 5 на 18 август 2025 година.
