Министерството за здравство до Министерството за внатршени работи пријавило упад на официјалната страница за регистрирање за вакцини против ковид-19
Креаторот на доменот vaksajns.mk, Адил Бакиу денеска беше повикан во полициска станица на разговор по пријава од Министерството за здравство за, како што информираа, „упад во официјалната страница vakcinacija.mk“.

Доменот vaksajns.mk беше регистриран откако премиерот Зоран Заев за време на дебатата организирана од Атлански совет погрешно го изговори зборот за вакцини на англиски јазик. Целта, наводно била, и оние што погрешно ќе ја пребаруваат веб-страницата за пријавување за вакцинирање против ковид-19, да бидат пренасочени кон официјалната страница.

Бакиу кој самиот на Фејсбук информираше дека е повикан на разговор во полициска станица забележа дека единицата за компјутерски криминал многу побрзо му влегла во трага нему отколку на оние кои ширеа инкриминирачки материјали за девојчиња. Тој подоцна информираше дека во полициската станица во Карпош го задржале половина час.
„Ви благодарам на сите на поддршката, иако до ова не требаше да дојде, ни на крај памет не очекував. Во полициска станица само разговаравме како/зошто и толку беше, околу пола саат ме задржаа, иако ми изгледа многу опасно кога вакви сатирични случаи се спроведуваат од органите на власта многу побрзо од оние што се навистина сериозни. И ова не е перцепција“,
напиша Бакиу на Фејсбук.
Претходно, од Министерството за здравство рекоа дека се работи за упад во официјалната страница на Министерството и поради тоа пријавиле во МВР.
„Единствената веб-страница на која граѓаните преку пополнување на апликација искажуваат интерес за вакцинација против ковид-19 е www.vakcinacija.mk. Страницата која ја посочувате утринава е пријавена во Министерството за внатрешни работи и не е веб-страница зад која стои Министерството за здравство ниту, пак, националниот систем ‘Мој термин’“,
рекоа од Министерството за здравство за порталот Фактор.
Според Македонската академска инстражувачка мрежа (МАРНЕТ), доменот vaksajns.mk е регистриран во текот на вчерашниот ден, 10 февруари. Податоците за креаторот Бакиу се јавно достапни на оваа мрежа, што укажува на тоа дека тој веројатно немал намера да крие дека токму тој е креаторот.
Официјалната страница за регистрирање за вакцинирање против ковид-19, vakcinacija.mk, е пуштена во употреба од вчера, но во текот на денот граѓаните имаа потешкотии да се пријават. Повеќе детали за тоа како функционираше може да прочитате тука.