Поранешниот републички обвинител Марко Зврлевски денеска имаше кратко сведочење во случајот за организацијата на настаните од 27 април 2017 во Собранието, по предлог на одбраната на ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски.
Зврлевски е еден од петтемина сведоци што ги предложи Атанасовски, а неговото повикување беше со цел да каже дали се среќавал со тогашниот директор на тајната полиција.
На пунктот за сведоци тој се задржа само неколку минути и кажа дека со Атанасовски имал средба пред да биде директор на УБК, односно во периодот кога бил директор на Агенцијата за финансиско разузнавање.
„Како директор на Агенцијата за финансиско разузнавање се имам среќавано, инаку не. За каква било средба после тоа не се сеќавам, евентуално на некакви свечености организирани од државата, инаку сум немал средби“,
рече Зврлевски.
Тој беше споменуван од Александар Василевски-Нинџа дека имале средби со Атанасовски, но и дека Зврлевски бил меѓу истакнатите функционери кои вечерта на 27 април 2017 биле во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓутоа, во делот за негово наводно одење во штабот денеска немаше прашања од другите обвинети или адвокати.
На денешното рочиште се појави уште еден сведок по предлог на Атанасоваки, но, бидејќи во тој период бил на висока функција во УБК и може во сведочењето да сподели доверливи информации или државна тајна, судот по предлог на одбраната одлучи да ја исклучи јавноста.
Покрај Атанасовски, обвинети за организацијата на упадот во парламентот се и поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски. Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.