Доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија и професор на Медицинскиот факултет вели дека тоа е резултат на доаѓањето на омикрон-БА 4 и 5
Европа се соочува со седмиот бран на корона вирусот, што во голема мера се објаснува со понискиот имунитет на новите варијанти на вирусот, и покрај вакцинацијата и претходно заразената болест
Почнувајќи од изминатиот викенд и првите неколку дена од оваа недела, бројот на заразени со коронавирус во земјава е во пораст.
Вчера, после подолго време регистрирани се 168 нови случаи на заразени од направени 1 101 тест, што е 15 отсто позитивни од тестирани.
Во подолг период не се регистрирани смртни случаи како последица на ковид.
„Бројките во дневната статистика за Ковид-19 ќе започнат рапидно да растат во следните недели како резултат на доаѓањето на омикрон-БА 4 и 5 и тоа е лошата вест. Добрата вест е што сепак болниците ќе ни останат полупразни“,
напиша на Фејсбук доктор Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија и професор на Медицинскиот факултет.
Состојбара со ковид рапидно расте и во другите земји.
Грција вчера по подолг период пријави над 20 000 заразени во еден ден.
Во Бугарија бројката вчера беше над 500, во Србија е над 800 заразени дневно, а во Албанија 550.
И Франција пријави нагло зголемување на бројот на заразени со коронавирус и тоа за 54 отсто за една недела.
Според вчера објавените податоци, за една недела биле заразени 147 248 лица, а тоа е најголем број на заразени во Франција од крајот на април. Пред една недела имаше 95 000 заразени.
Здравствените власти соопштија дека се хоспитализирани 15 496 лица, а пред седум дена 14 333.
Европа се соочува со седмиот бран на корона вирусот, што во голема мера се објаснува со понискиот имунитет на новите варијанти на вирусот, и покрај вакцинацијата и претходно заразената болест.