Во последните 24 часа во Албанија, од направените 1 537 тестови вирусот е потврден кај 550 лица или 35,8 отсто од тестираните. Ова е двојно повисока бројка од оние во изминатите денови и е највисока бројка на ковид-позитивни случаи во последните три месеца
Во последното деноноќие во Албанија потврдени се 550 нови случаи со ковид-19 што е двојно повисока бројка од оние во изминатите денови и е највисока бројка на ковид-позитивни случаи во последните три месеца.
„Се зголемува бројот на новозаразени. Во последните 24 часа од направените 1 537 тестови вирусот е потврден кај 550 или 35,8 отсто од тестираните. Регистриран е еден починат а на болнички третман се 19 пациенти“,
соопшти Mинистерството за здравство и социјална заштита.
Министерството го повтори апелот граѓаните да се вакцинираат, да се повнимателни, посебно во периодот кој следува кога се зголемуваат контактите поради движењето во летната сезона. Потсетува и дека секое лице над 12-годишна возраст може да се имунизира во сите здравствени установи.
Освен во Албанија, по речиси три месеци, во Грција повторно се регистрирани над 20 000 нови случаи на ковид-19 во еден ден, односно вкупно 20 084 новозаразени и 3 664 реинфекции, јави МИА од Атина.