Првпат во последните две недели бројот на позитивни лица на ковид-19 од вкупниот број тестирани во земјава во последното деноноќие е понизок од 10%. Дали бројките сугерираат дека состојбата конечно ќе почне да се смирува или сепак станува збор за случајност
Во последните 24 часа се направени 1 363 тестирања, а регистрирани се 118 нови случаи на ковид-19. Со оваа стандардна реченица почна вчерашната редовна информација од Министерството за здравство на нивната фејсбук-страница за состојбата со ковид-19 во Македонија во последните 24 часа.
Со едноставна математичка операција, може веднаш да се дознае дека во последното деноноќие 8,7% од вкупниот број тестирани лица биле позитивни на ковид-19.
Најдобро во последните две недели
„360 степени“ од почетокот на ковид-19 епидемијата во земјава редовно ги следи трендовите поврзани со новиот коронавирус, според бројките кои ги објавува Министерството за здравство. Ако историски се разгледаат податоците за процентот на позитивни граѓани на ковид-19 од бројот на тестирани, лесно се гледа дека вчерашниот „резултат“ е најдобар во последните две недели.
Како што покажува графичкиот приказ подолу, во последната седмица бројката на позитивни од тестирани била релативно стабилна и се движела од 12% до 14%. Неделата претходно, пак, имаше повисоки вредности кои достигнаа и до рекордни 20,8% позитивни од тестираните на 14 јуни. Последен пат кога имало помалку од 10% позитивно било на 9 јуни, а во јуни има само уште еден таков случај, кога на 2 јуни имало 8,6% позитивни од тестираните.

Додека бројка на позитивни под 10% е добар сигнал, тоа се уште не е посакуваната цел. Кога епидемијата се смири по априлскиот врв на заразата, вообичаено беше бројот на позитивни на дневно ниво да биде под 5%.
Благо забавување на растот на активни случаи
Вториот показател кој дава надеж е бројот на активни случаи. Тоа е резултатот кога од вкупниот број заразени ќе се одземат бројот на оздравени и починати лица од ковид-19.
Графиконот подолу покажува како во јуни „експлодираше“ заразата, откако речиси цел мај имаше стабилен број на 400-500 активни случаи. Но, суптилноста на која треба тука да се внимава е колку брзо растеше бројот на активни случаи. За да стигне од 1 000 до над 2 000 заболени беа потребни само осум дена. А, за да стигне од 2 000 до над 3 000 активни случаи, беа потребни повеќе, односно вкупно 10 дена.

Станува збор за навидум мала разлика, но, како што покажува и кривата, не е незначителна. Бидејќи првпат од почетокот на јуни линијата не се искачува стрмо нагоре, туку полека почнува да се движи кон израмнување.