Во последните три недели во земјава нема ниту подобрување ниту влошување на бројот на новозаразени од коронавирусот ако податоците се разгледуваат на неделно ниво. Анализата на „360 степени“ покажува дека во секоја од последните седмици, бројот на нови пациенти е околу 1 000
Носете маски, држете дистанца, редовно мијте ги рацете. Ова се главните препораки кои здравствените власти ги повторуваат уште од почетокот на ковид-19 кризата, како најдобра превенција да се спречи ширењето на новиот вирус.
Па сепак, откако бројот на заразени падна кон крајот на април, на веќе на почетокот на јуни се случи нова „експлозија“ која навидум не покажува знаци на смирување.
Дали е достигнат вториот врв?
„360 степени“ редовно ги анализира податоците кои ги соопштуваат здравствените власти уште од првиот случај. Така, ако за старт на прва недела се земе денот кога беше регистриран првиот случај, може појасно да се види трендот на заразата.
Според таа методологија, ковид-19 го достигна првиот врв во VII и VIII недела (почетокот и средината на април), по што состојбата се смири. Така беше до XIII недела (втората половина на мај) од првиот регистриран случај, кога бројките почнаа повторно рапидно да растат. Во последните три недели, како што покажува графиконот подолу, бројот на новозаразени од ковид-19 е речиси непроменет, со 1 050, па 1 022, па 1 023 во една седмица. Или, овој показател покажува дека состојбата ниту се подобрува, ниту се влошува.

Повеќе вкупно тестови, но и повеќе позитивни тестови
Бројот на новозаразени на неделно ниво во јуни е грубо три и пол пати повисок при врвот на заразата на април. Но, тоа не е само затоа што болеста се раширила многу повеќе, туку и затоа што системот успеал да регистрира повеќе случаи.
Како што покажува графиконот подолу, во неделите од почетокот на април до крајот на мај се правени меѓу 1 700 и 3 500 теста на седмично ниво. Од почетокот на јуни, бројот на тестови се речиси тројно, од 5 300 до највисоки 8 134 теста минатата недела.

Но, сепак, поголемиот број на тестови не е единствена причина за регистрирањето на поголем број на случаи. Тоа најдобро го покажува анализата на бројот на позитивни, од вкупниот број на спроведени тестови.
Како што покажува графиконот подолу, во екот на првиот врв на заразата на почетокот на април (лево на графиконот), процентот на позитивни тестови најчесто се движеше меѓу 10% и 20%. Кога заразата се смири, процентот на позитивни од тестирани се спушти под 10% а потоа и под 5%. Кога бројките на заразени почнаа да растат, почна да расте и процентот на позитивни тестови, кој на двапати надмина и 20%.
