Најмногу пациенти има го „8 Септември“ и на Инфективната клиника
Нешто повеќе од половина е исполнет болничкиот капацитет во ковид-центри во државата, покажува извештајот на Министерството за здравство. Во болниците во цела држава се лекуваат 604 пациенти, а слободни се околу 580 кревети.
Иако капацитетот засега е околу половина искористен, од Министерството велат дека ако во иднина има потреба дополнително ќе ги прошират капацитетите во ковид-центрите.
Состојба во Скопје
Во изминатото деноноќие во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 26 нови пациенти, додека дома се пуштени 22 оздравени.
Со тоа моменталната состојба покажува дека од 604 хоспитализирани во болниците во главниот град се сместени 289 пациенти, а има 110 слободни кревети. Голем дел од хоспитализираните се на кислородна поддршка.
Најмногу пациенти има во Градската општа болница „8 Септември“ – 94 и на Инфективната клиника – 81. Во Детската клиника во Козле се лекуваат 10 пациенти.
На интерните клиники, пак, состојбата е следна: на Институтот за ТБЦ има 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 23, на Клиниката за нефрологија 21, на Кожната клиника 19, а на Клиниката за гастроентерохепатологија лежат 16 пациенти.
Состојба во болниците во другите градови
Останатите 315 пациенти од вкупниот број на хоспитализирани, пак, се лекуваат во болниците во другите градови.
Најмногу пациенти има во болниците во Куманово – 45 и во Охрид – 40.
Понатаму, во штипската болница се лекуваат 31 пациент, во битолската 28, а во прилепската и струшката по 24.
Во ковид-одделенијата во другите градови состојбата е следна: Струмица 22 пациенти, Велес 21, Кавадарци 18, Гостивар и Тетово по 16, Дебар 13, Кичево 12, Гевгелија 3, а Кочани 2.
