Уште 44 лица на крузерот „Дајмонд принцес“, кој е закотвен во близина на градот Јокохама, се заразени од новиот коронавирус, соопшти денеска јапонското Министерство за здравство.
Со тоа бројот на заболени на бродот, на кој во карантин се наоѓаат повеќе од 3.500 патници и членови на екипажот, се зголемил на 218, од 713 лица колку што се досега тестирани.

Јапонските власти соопштија дека ќе им дозволат на некои повозрасни патници, кои биле негативни на тестот за коронавирус, да го напуштат бродот пред истекот на карантинот, 19 февруари. Тие ќе заминат од бродот уште утре, а останатото време за карантин ќе го продолжат на копно.
Според јапонските медиуми, околу 80 отсто од патниците се над 60-годишна возраст, 215 се на 80-годишна возраст, а 11 лица имаат по 90 години.
*Поврзана вест: МНР: Македонските државјани на крузерот во Јапонија се во добра здравствена состојба
Бројот на заразени во Хубеј порасна за 14 840
Бројот на жртви од новиот коронавирус во кинеската провинција Хубеј нагло се зголеми за 242 лица, но нагло порасна и бројот на заразени – за 14 840, соопштија денеска здравствените власти откако почнаа да ги користат новите методи за дијагностицирање на болеста.
Ова е рекорден број на регистрирани смртни случаи и зарази во еден ден, со што вкупниот број луѓе што починале од последици од новиот коронавирус во Кина сега се зголеми на 1 310, а бројот на заразени на 48 206.
Здравствените власти во провинцијата, жариштето на коронавирусот, објавија дека од денеска во билансот ги вклучуваат и луѓето кај кои болеста е дијагностицирана со новите методи.

Провинциската здравствена комисија минатата недела најави дека ќе почне да ги признава резултатите од компјутерска томографија, радиолошки метод на снимање на пациентите, како потврда за инфекцијата, што им овозможува на болниците побрзо да ги изолираат пациентите.
Провинцијата Хубеј претходно ги признаваше само резултатите од тест со рибонуклеинска киселина, кој покажува присуство на вирусот, но потребно е извесно време да се добијат резултати.
Користењето скенер може брзо да покаже инфекции на белите дробови, така што пациентите ќе можат навреме да почнат со лекување и со тоа да се зголеми и можноста да бидат излекувани.
Истражувачите на СЗО работат на мастер-план
Во меѓувреме, Светската здравствена организација (СЗО) изјави дека разработува мастер-план за координирање на клиничките испитувања на коронавирусот.

Генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејсус, по дводневниот собир во Женева, вчера изјави дека се во тек состаноци на истражувачки групи со водечки истражувачи, за да може веднаш да се почне со работа за решавање на најтешките проблеми.
„Некои од тие проблеми подразбираат еднострана дијагностика, најдобар пристап за превенција на инфекцијата, потенцијални терапии кои би можеле да се користат за лекување пациенти“,
рече Гебрејсус.
Тој додаде дека СЗО испратила маски, ракавици и медицински униформи во 18 земји за заштита на здравствените работници од вирусот.
„Ние продолжуваме да ги поддржуваме земјите со алатки и опрема што им се потребни за дијагностика, но и за заштита на здравствените работници. Доставивме дијагностички комплети до лабораториите ширум светот и ќе продолжиме да го правиме тоа. Исто така, испративме резерви на маски, ракавици и опрема за здравствена заштита“,
рече генералниот директор на СЗО.