Во исчекување на новите бројки, во Македонија во моментов има 20 965 активно болни од ковид-19. Под претпоставка дека во земјава има два милиона жители, како што покажуваат актуелните државни статистики, тоа значи дека на секои 100 граѓани има по еден болен од коронавирусот.
Податокот не звучи добро, но колку е лошо не може инстантно да се провери, бидејќи сите држави не ги објавуваат податоците на ист начин. Од она што е на располагање, на пример, може да се каже дека во Македонија има ист број активни случаи на 100 жители колку што во моментов има во Италија. Далеку е подобро во Германија, каде коефициентот на болни на 100 луѓе е под 1 (0,4), а полошо е во САД, каде се болни 2,2 на секои 100 граѓани.

Но, ако се погледнат податоците за бројот на активни случаи во изминативе месец-месец и половина, има и позитивни сигнали. Актуелните 20 965 активни случаи се најниски во последните неколку недели. Помалку активно болни последен пат имало на 26 ноември кога Министерството за здравство известило за 20 914 случаи. Најмногу активно болни, 22 538, имало на 5 декември.
Сепак, дали овие знаци на надеж дека епидемијата се намалува, ќе се претворат во јасен тренд ќе зависи од многу фактори. Како што покажува графиконот подолу, заразата многу побрзо достигнува „експлозии“, отколку што е потребно за растот на случаи да се смири.

Дека барем нешто е тргнато на добро покажуваат и споредбите кои ги прават светските медиумски сервиси. „Ројтерс“ оценува дека С Македонија во последниве седум дена е на 60% од она што било врв на заразата. Сивите стрелки, кои доминираат на Балканот, значат исто – дека во сите соседни земји заразата се смирува, освен во Албанија, која се уште не е многу далеку од својот „врв“.

Еден начин на кој бројот на новозаразени може да падне е со помал број тестови. Но, анализата на „360 степени“ покажа дека тоа не е случај во земјава. Во изминатите недели, со одредени осцилации, се забележува дека се намалува процентот на позитивни од вкупно направени тестови.
Вчера, извести Министерството за здравство, позитивни биле 21,8% од направените тестови. Последен пат кога овој процент бил понизок е на 20 октомври, односно пред два месеца. Дури и последниот дневен извештај да е исклучок, во последните седум дена на три пати позитивните тестови беа под 30%. Таква серија не се случила од втората половина на октомври.

Намалувањето на процентот на позитивни случаи сега ќе почне позначително да се одразува на другите статистики во следните недела-две, доколку трендот продолжи. А дали трендот ќе продолжи, ќе зависи најмногу од однесувањето на граѓаните – дали ќе прославуваат во потесното семејство или ќе ризикуваат со масовни забави.
Дека состојбата полека се подобрува, но и дека од секој поединец во општеството ќе зависи дали тој позитивен тренд ќе продолжи, тврди и министерот за здравство Венко Филипче. Повикувајќи се анализите на Институтот за јавно здравје, тој изјави дека е намален бројот и на новозаболени и на починати.
„Апелирам во следните две-три недели да сме крајно внимателни. Има позитивни придвижувања, ќе видиме дали е ова почеток на крајот на пандемијата и затоа да не ризикуваме уште еден посилен бран“,
изјави министерот за здравство, Венко Филипче.