Во последните 24 часа во земјава се регистрирани 80 нови случаи на ковид-19, јави денеска Министерството за здравство. Новите пациенти се откриени со релативно мал број тестови, 680, што, пак, се должи на фактот што вчера беше неработен ден.
Иако двоцифрениот број новозаразени изгледа смирувачки, повеќе од кога било, тоа не смее да значи „опуштање“. Причината е што последните седум дена (од минатиот вторник до денеска) се убедливо најлошите кога станува збор за бројот на новозаразени со ковид-19.
Еден отсто од населението во Македонија „фати“ корона
Токму во изминативе денови, „бројчаникот“ на Министерството за здравство ја проби границата од 20 000 заразени од почетокот на епидемијата. Под претпоставка дека земјава има два милиони жители, тоа значи дека 1 отсто од граѓаните биле или во моментов се болни од ковид-19. Или, на секои 100 луѓе во Македонија има по еден кој бил или е болен од коронавирусот.
Она што загрижува во моментов е дека епидемијата зема замав како никогаш претходно од почетокот на кризата во земјава. Тоа го покажува фактот дека последните 5 000 болни се регистрирани за рекордно краток период, ако се спореди колку време било потребно за да се достигне таа бројка во минатото.
Како што покажува графиконот подолу, за да се стигне до бројката од 20 000 позитивни, од претходната „граница“ 15 000, биле потребни 33 дена. Претходно, за бројката да стигне од 10 000 на 15 000 позитивни на ковид-19 поминале 42 дена. За растот од 5 000 на 10 000 болни, пак, биле потребни 36 дена, што е периодот од средината на јуни до крајот на јули при т.н. „втор бран“. А за да се стигне до бројка од 5 000 заболени беа потребни 114 дена.

Замавот што го зема ковид-19 во Македонија уште подобро се гледа доколку бројките што ги објавува Министерството за здравство се распределат на неделно ниво. Во последните седум дена, почнувајќи од денеска, во Македонија се регистрирани 2 097 нови случаи на ковид-19. Тоа е убедливо најмногу заразени за една седмица од почетокот на епидемијата и е грубо двојно повеќе случаи отколку при т.н. „втор бран“ во месеците јуни и јули. Растот е огромен, и ако се споредат бројките со неделата претходно (почетокот на октомври) кога имаше 1 310 нови случаи и пред две седмици, кога бројот на новозаразени беше трицифрен и изнесуваше 919. Или, за само три недели, повеќе од двојно се зголемил бројот на новозаразени.

Сѐ повеќе позитивни тестови
Дека октомври веќе е најлошиот месец, иако не е ниту до половина, покажува и соодносот меѓу бројот на направени тестови и бројот на позитивни тестови. Овој индикатор, кој е важен особено за епидемиолозите, покажува дека во октомври, просечно 15,7% од тестовите за ковид-19 се позитивни.
Како што покажува графиконот подолу, тој просек е драматично повисок споредено со септември (9%) и е двојно повисок од август (7,9%). Единствениот месец кој доаѓа блиску до октомвриската слика е јуни, кога 13,3% од тестовите беа позитивни.
