Бројот на жртви на светско ниво од вирусот ковид-19 надмина 100 000 починати, покажува една од најажурните страници која го следи развојот на епидемијата – worldmeters.info. Според истиот извор, уште близу 50 000 луѓе се наоѓаат во сериозна или критична состојба.
Најмногу починати од почетокот на пандемијата има Италија, 18 849 жртви. Потоа следат САД со 18 664 починати, каде растот на смртните случаи е толку голем што се очекува уште во текот на денов да ја надминат Италија. Шпанија е трета на црната листа со 16 081 починат, по што следи Франција со 13 197, Обединетото Кралство со 8 958, Иран со 4 232 и Кина со 3 336 починати. Само Кина, од оваа група на држави, нема пријавено нов смртен случај во последните 24 часа од овој извештај.
Според бројот на регистрирани жртви на еден милион жители, повторно предничат европските држави. Сан Марино, иако има само 34 починати досега, има коефициент од 1 000 смртни случаи на 1 милион жители (Сан Марино има популација од речиси 34 000 жители). Втора на листата е Шпанија со 344 смртни случаи од ковид-19 на милион жители, по што следи Андора со 337, па Италија со 312, Белгија со 260 и Франција со 202 смртни случаи на 1 милион жители.
Бројот на лица кои до овој момент се излекувани од ковид-19 изнесува 376 000. Како активни случаи, се водат околу 1 217 000 пациенти низ целиот свет.