Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека добиле документи од „свиркач“, според кои фирмата на внукот на Ахмети со друга фирма од, како што рече, кланот Зајас, добила работи од околу 1,3 милион евра на Коридорот 8 и шест до девет милиони евра на патот Кичево – Дебар
Иако се повика на документи, Ковачки денеска не презентира ниту еден лист пред јавноста
Внукот на Али Ахмети, со фирмата која ја купи „Соравија“, работи на Коридорот 8 и други патишта како подизведувач, тврди Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, до партијата стигнале документи од „свиркачи“, а станувало збор за анализа на банката на фирмите на Ахмети, во која наводно било наведено дека „Тор индустрис“ била формирана за да учествува на големи државни проекти планирани во Македонија.

„Дрин Ахмети со ‘Тор индустрис’, заедно со уште една фирма од кланот Зајас, за која ќе зборуваме деновиве, е вклучен во изградба на Коридорот 8. Договорот што го имаат двете фирми е 1.3 милион евра за ископ и други градежни работи. Кога голем број фирми едвај наоѓаат работа, фирмата на Дрин е најпосакуван партнер и дежурен подизведувач, на многу поголеми фирми. Дали зад тоа се крие Ахмети и дали има трговија со влијание?“,
праша Ковачки.
Според Ковачки, фирмата „Тор индустрис“ е ангажирана и на патот од Кичево до Дебар, поточно на делницата Извор – Гарски мост. И таму фирмата била подизведувач, заедно со уште фирма од, како што рече, кланот Зајас.
„Потенцираме дека очекуваниот приход од 6 до 9 милиони евра, пред банката на ‘Тор индустрис’ е изнесен токму од Дрин Ахмети, и тоа е заведено во анализата на банката. Дали по истиот модел ‘Тор индустрис’ ќе продолжи со изградба на новите делници од Коридорот 8 и дали ЈО ќе продолжи да биде нем набљудувач?“,
праша Ковачки.
Сепак, иако Ковачки се повикуваше на документи од „свиркач“, барем на денешната прес-конференција, не покажа ниту еден лист како доказ за тоа што го зборуваше.