Секогаш е добро од финансиски аспект да се има приватен инвеститор кој инвестира. Во тој случај ќе ја имате инвестицијата, а нема да го оптоварите јавниот долг со нови задолжувања, смета премиерот
За изградба на хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“ и на водородногасоводни централи во Неготино и во Битола треба да се направи анализа колку една таква инвестиција би го оптоварила јавниот долг визави приватен инвеститор и да се направи костбенефит анализа во која треба да се види колку државата добива од производство на електрична енергија, па потоа да се одлучи дали треба државата сама да ги прави или преку приватен инвеститор, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на Универзитетската клиника за ортопедски болести заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити.

„Секогаш е добро од финансиски аспект да имате приватен инвеститор којшто инвестира. Во тој случај ќе ја имате инвестицијата, а нема да го оптоварите јавниот долг со нови задолжувања. Јас го почитувам мислењето на Здружението на инженерите дека треба да се прават со сопствени средства, тоа се искусни луѓе. Дел од нив се присутни во научната и во практичната сфера по четири децении. Четири децении тие капацитети не се изградени во државата“,
изјави тој.
Нагласи дека минатата година работеле на справување со енергетска криза со капацитети стари по 45 години.
„Битола и Неготино се капацитети од 1984 година со руска технологија и само благодарение на вештината на вработените таму тие работат со полн капацитет“,
рече премиерот.
Дали е подобро да се градат со сопствени средства енергетските капацитети или со приватен инвеститор, додаде, анализа ќе направи Министерството за финансии кое има дневна соработка со ММФ, со Светска банка, каде што постојат модели како најдобро се прават тие инвестиции.
„Според мене, водородногасните централи треба да ги правиме со ’Генералелектрик’ од САД кои се наш најголем пријател споредено со сите други држави. Тоа дава долгорочна стабилност и сигурност во делот на енергетскиот сектор доколку се работи со инвеститор од САД. Меѓутоа, тоа е мое мислење коешто ќе биде едно од мислењата при носењето на финалните одлуки, кога ќе дојде времето кога ќе треба да се носат и да се инвестира во овие капацитети. Иднината е во гасно произведување на електрична енергија комбинирано со водород. Ќе се работи на тоа“,
посочи Ковачевски.
Прецизира дека во Буџетот на државата од 5,6 милијарди евра, 1,3 милијарди се за пензии, 0,9 милијарди за здравство, 0,5 милијарди се за плати.
„Веќе половина од тие 5,6 милијарди се недискрециски трошоци, плус дополнително за одбрана, МВР, култура итн. Дискрецискиот дел на Владата се однесува на капиталните инвестиции, а веќе имаме една инвестиција од 1,3 милијарди евра и затоа секое ново оптоварување на Буџетот мора да биде консултирано и со оние кои го финансираат дефицитот. Финансирањето на дефицитот кај нас се прави преку ММФ, Светска банка, преку еврообврзниците. Во 2024 година нема да издаваме еврообврзница, бидејќи веќе направивме добри аранжмани со СБ со другите кредитори“,
рече Ковачевски.
Здружението на инженери на Република Македонија денеска до Владата и до Собранието достави Иницијатива за донесување Закон за изградба на ПАХЕ „Чебрен“ со сопствени средства.
Минатата недела министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова објави дека е пропаднат и 14. тендер за изградба на „Чебрен“.
„ППЦ – Архиродон“ на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот.
