„Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ги оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, напиша европратеникот Ангел Џамбаски на Фејсбук.
Бугарија треба својата поддршка да ја насочува кон оние здруженија што градат мостови помеѓу нашите две држави. Постојат имиња што можат да зближуваат, да бидат мост помеѓу двете држави и сметам дека сите треба да инвестираме во такви имиња што се покажале со своите активности во овој регион, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
„Секоја држава финансира различни проекти кои се однесуваат на граѓани што се самоопределуваат како нивното доминантно население. И ние како Северна Македонија финансираме проекти во Албанија, во делот на Поградец и другите делови каде што живеат Македонци. Меѓутоа, сметам дека Бугарија треба својата поддршка да ја насочува кон оние здруженија што градат мостови помеѓу нашите две држави. Личности од историјата кои ги повредуваат чувствата на Македонците, на Евреите, на Ромите, на Албанците и на сите други кои живеат тука, а кои во историјата се означени како личности кои се дел од најцрниот период на Европа, а тоа е фашизмот во Втората светска војна, сметам дека не треба да бидат имиња на здруженија на граѓани, бидејќи ги повредуваат чувствата на граѓаните“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали во духот на добрососедството би побарале од бугарската влада да ги прекине финансиите за здруженија со провокативни имиња за земјава како што е тоа на „Цар Борист Трети“ во Охрид.
За изјавата на бугарскиот европратеник од редовите на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, околу тоа дека „Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“, Ковачевски рече дека не знае кој е тој човек и не ја слушнал изјавата, а македонизмот вели секогаш ќе го има.
„Македонизмот секогаш ќе го има затоа што Македонците се тие кои имаат своја историја, имаат свој идентитет. Ние зборуваме на македонски јазик, ние негуваме свои обичаи, своја култура и ние сме граѓани, народ кој до 2030 година ќе ја збогати Европската Унија со тоа што ќе станеме нејзина членка“,
рече Ковачевски.
Царот Борис Трети Обединител е симбол на ослободувањето и единството на Бугарите, напиша на својот фејсбук-профил европратеникот Ангел Џамбаски од редовите на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, како одговор на изјавите на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за отворањето на клубот, кој го носи името на бугарскиот монарх, сојузник на Хитлер за време на Втората светска војна.
„Ова, господине Османи, не е провокација туку факт. Години на коминтернски лаги и пропаганда не можат да ја променат историјата. И таа покажува дека бугарските чети биле пречекани како ослободители со цвеќиња и бугарски песни. Омразениот за сите Македонци Иван Михајлов вели: ‘Кога се отворија бугарски училишта во Македонија во 1941 година, таму немаше бунт и не се бараа други училишта’. Крајно време е политичарите крај Вардар да сфатат дека нивниот страв од колапс на лагата не ја оправдува омразата и репресијата кон Бугарите. Југославија се распадна, време е да се урне нејзиниот последен бастион – македонизмот“,
напиша Џамбаски на Фејсбук.