Тема на разговор на средбата Ковачевски-Вучиќ во Белград биле и регионалните иницијативи Отворен Балкан и Берлински процес, кои, како што нагласиле соговорниците, даваат можност за уште поголема меѓусебна соработка, но и побрза интеграција во Европската Унија и на европскиот пазар
Премиерот Димитар Ковачевски со владина делегација утринава ја започна својата официјална посета на Белград, при што се состана со српскиот претседател Александар Вучиќ.

На средбата било нагласено дека долгогодишното партнерство меѓу Северна Македонија и Србија продолжува да се развива уште поинтензивно во рамки на економската и трговската соработка.
Тема на разговор на средбата Ковачевски-Вучиќ биле и регионалните иницијативи Отворен Балкан и Берлински процес, кои, како што нагласиле соговорниците, даваат можност за уште поголема меѓусебна соработка, но и побрза интеграција во Европската Унија.
„Политиката на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и динамиката на пристапните преговори на Северна Македонија и Србија е важна тема и е наш заеднички приоритет“,
нагласил премиерот Ковачевски.
Во оваа насока соговорниците ги нагласиле реформските процеси во повеќе клучни области, градењето институционални капацитети, како и развојните стратегии што ги спроведуваат владите на двете земји.

Покрај премиерот Ковачевски, во владината делегација која присуствувала на состанокот се и министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши, за транспорт и врски Благој Бочварски, како и заменик-министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдевски.
Својата посета на Белград Ковачевски за започна уште вчера попладне со прошетка по кејот на Сава заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ и претседателот Александар Вучиќ