Премиерот вели дека опозицијата се противела и сега и претходниот пат кога се покачуваше „минималецот“
ВМРО-ДПМНЕ и сега, како и претходниот пат, беше против зголемување на минималната плата. Тие почнаа да даваат поддршка дури вечерта откако го постигнавме договорот за зголемување на платите, а некои и утрото откако преспале, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи ги најавите на опозицијата за амандмански интервенции во законот за минималната плата, што Владата вчера го доставила во Собранието.
Одлуката за зголемување на минималната плата е резултат на дијалог и колективно договарање со синдикатите, работодавачите, стопанските комори. ВМРО-ДПМНЕ и во минатото беше против покачувањето на платите. Станаа ‘за’ вечерта кога постигнавме договор, а некои утрото затоа што преспаа. И претходно имаше зголемување на платите во одредени сектори, во здравството, кај негувателите“,
рече Ковачевски.
Тој посочи и дека имало обид за решавање на статусот на наставниците, ама дека ВМРО-ДПМНЕ подолго од една година го блокирала тој закон во Собранието.
„Сега ќе поднесувале амандмани за минималната плата. Ако, нека поднесат, ама прво нека кажат дали биле против зголемување на минималната плата и дали блокирале закони за подобрување на статусот на работниците, како што беше тоа случај со наставниот кадар“,
изјави Ковачевски при денешната посета на компанијата „Текстил солушн”.