Во државата, посочува премиерот, има политичари коишто заради својот личен и политички интерес не сакаат да дозволат, односно блокираат на секој начин државата да биде дел од ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека мнозинството во Владата е стабилно и дека на тоа сите се сведоци. Според него во државата има два концепти, едниот е за европска Северна Македонија, а другиот против пристапувањето на државата во Европската Унија.
„Едниот концепт е за европска Северна Македонија, држава која што преговара со ЕУ, држава која што сака да ги исполни своите обврски преземени со ЕУ, а притоа да се задржат и македонскиот јазик и идентитетот на македонскиот народ и сите културни и карактеристики на македонскиот народ во секоја смисла. Другиот концепт е против пристапувањето на државата во Европската Унија. Тој друг концепт го гледавме 11 години во државата каде што ако ги споредиме тогашните извештаи на ЕУ за земјава, ќе видиме дека тогаш бевме окарактеризирани како заробена држава во која што нема владеење на правото, на демократијата“,
истакна Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Општата градска болница во Гостивар.
Според него, ако се погледнеме Извештајот на ЕК, што беше презентиран пред неколку дена, тогаш ќе се види напредок во сите области и за првпат во историјата на овие извештаи Владата е подобро оценета од опозицијата.
Премиерот, вчера, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, исто така рече дека односите со ДУИ ги оценува како исклучително коректни и дека особено продуктиви и професионални релации има со министрите од оваа партија во Владата.
Ковачевски смета дека е рано да се зборува за евентуален заеднички изборен настап со ДУИ на следните избори бидејќи очекува дека ќе се одржат во 2024 година.
Премиерот , денеска, потсети дека на неговото обраќање на последната седница за пратенички прашања во Парламентот ги повикал сите пратеници и политички партии коишто се за концептот за европска Северна Македонија, за концептот за држава која што е членка на ЕУ до 2030 година дека вратите за соработка на оваа Влада се отворени без исклучок на нивната политичка припадност.
Во државата, како што посочи премиерот, има политичари коишто заради својот личен и политички интерес не сакаат да дозволат, односно блокираат на секој начин државата да биде дел од ЕУ.
„Доколку во опозицијата има политички партии коишто сакаат да бидат дел од овој процес сите се добредојдени заедно низ Парламентот, низ дискусија, низ телата на Парламентот ова да го направиме што побрзо за добробит на идните генерации. Затоа што одлуките коишто јас ги носам не ги носам заради мојата политичка кариера. Ги носам заради иднината на сегашните и на идните генерации, на овие млади коишто треба да имаат и поголеми плати и подобри работни места и да живеат во држава во која што владее демократија, во која што нема криминал и корупција, во која што владее правото, во која што има социјална правда и во која секој може да го каже своето мислење без разлика на неговата припадност во било која основа“,
нагласи Ковачевски.
