За да дојде до бараната средба на приватните превозници со премиерот, Ковачевски постави неколку услови. Првиот од нив е деблокада на улиците и отстранување на автобусите од булеварот „Илинден“ и, како што рече, враќање на улиците на скопјани
Премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција, коментирајќи ги најавите на приватните автобуски превозници дека ќе ги радикализираат протестите во главниот град доколку не ја остварат бараната средба со него, изјави дека тој одбива да држи состаноци под уцени и под притисоци.
Но, за средбата да се оствари, тој постави неколку услови.
Прво што треба да направат приватните превозници, како што рече премиерот, е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје во чија сопственост се тие улици. Второ, додаде премиерот, на тој состанок мора да бидат присутни и надлежните органи од Градот Скопје за да им се укаже дека Владата нема никаква надлежност во однос на градскиот автобуски превоз во главниот град.
„Трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Град Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат предвид“,
додаде Ковачевски.
Ковачевски рече дека кога ќе се исполнат овие услови кои, патем, како што кажа, ќе обезбедат дијалог базиран на факти и без притисоци, тогаш ќе може да се оствари состанок со приватните превозници.

Во однос на евентуалното одземање на ингеренциите на Град Скопје во однос на јавниот градски превоз, Ковачевски вели дека тоа нема да се случи оти доволно е тоа што Владата во јануари годинава ги презела надлежностите за затоплувањето со парно греење во Градот Скопје.
„Гледате дека ниту еден проект не се прави. Дали тоа значи дека ние ќе треба да ги преземеме сите надлежности и ингеренции на Градот Скопје?“,
вели Ковачевски.
Според него, доколку Владата ги преземе ингеренциите на Град Скопје тоа би значело враќање кон процесот на централизација.
„Дваесет години кај нас се спроведува децентрализација која значи дека надлежностите треба да одат кај општините. Јас учествував во правењето на новиот закон за финансиска фискална децентрализација во која се зголеми износот на дотации кон општините. Оваа година сите општини имаат зголемени дотации од државниот буџет за да можат да ги финансираат своите потреби. Што гледаме во општините? Освен зголемени давачки, и тоа во сите општини со кои раководи ВМРО-ДПМНЕ и нереализација на ниту еден проект, нема ништо друго. Дали тоа значи дека ние треба да го враќаме процесот на централизација и државата пак да ги презема ингеренциите“,
додава премиерот.
Откако не добија одговор од градските власти за средба со градоначалничката на Скопје, приватните автобуски превозници кои сè уште протестираат со блокада на булеварот „Илинден“, вчера побараа да бидат примени на средба со премиерот Димитар Ковачевски.
Доколку не ја остварат средбата со премиерот, најавија радикализација на протестите.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ започнаа со блокада на главниот град на 28 ноември кога со околу 30 автобуси на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, побараа да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа.
Откако немаше исход, приватните превозници на 5 декември оваа година со околу 200 автобуси поставија блокади на неколку главни точки во Скопје, односно на крстосниците пред ТЦ „Мавровка“, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден“.
Во петокот ги одблокираа крстосниците кај „Мавровка“и Црвениот крст и останаа да протестираат само на булевар „Илинден“, непосредно околу просториите на Град Скопје.