Ваквите изјави на премиерот следуваат откако претходно денеска Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави прилог со наслов „Премиерот кој сака да биде инфлуенсер“, а во кој е наведено оти за објави на социјалните мрежи, само во последните 100 дена, премиерот Димитар Ковачевски потрошил 26 000 евра
Премиерот Димитар Ковачевски тврди оти за објавите на своите официјални профили на социјалните мрежи нема потрошено ниту денар од државниот буџет.
Тој ова го изјави на денешната прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање околу трошоците кои ги прави за објавите на неговите профили на социјалните мрежи, откако Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) претходно објави оти премиерот во последните 100 дена потрошил 26 000 евра за спонзорирани објави на социјалните мрежи.

„Буџетски средства за ова не се користени, туку со оглед на тоа дека се работи за спроведување на социјалдемократски политики, тоа се прави во рамките на мојот тим којшто е надвор од Владата, а вработените во Секторот за комуникации коишто работат на подготовка или на изработка на видеа немаат ниту еден час прекувремено. Она што се работи како комуникација, сè е во рамки на работното време“,
рече Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.
Објавите на социјалните мрежи, вели Ковачевски, се со цел поголема транспарентност и информираност на јавноста за работата на избраните и именувани функционери во однос на прашањата што ги засегаат. Дали јавноста ќе биде информирана преку онлајн медиумите или тоа ќе биде направено преку билборди, додава тој, е работа на избор.
„Доколку граѓаните не го сакаат таквиот начин на комуникација, секако дека тие тоа ќе го искажат во моментот кога за тоа ќе имаат можност, а тоа е при избори“,
изјави Ковачевски.
Ваквите изјави на премиерот следуваат откако претходно денеска Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) објави прилог со наслов „Премиерот кој сака да биде инфлуенсер“, а во кој е наведено оти за објави на социјалните мрежи, само во последните 100 дена, премиерот Димитар Ковачевски потрошил 26 000 евра.
„Најскапиот спонзориран пост е платен 4 000 евра и е повик за заследување на страницата на Димитар Ковачевски. Петте најспонзорирани постови не комуницираат никаква услуга или владина политика“,
се наведува, меѓу другото, во прилогот на ИРЛ.