Според премиерот, станува збор за теми кои се „интересни за слушање и читање“, но смета оти нема основа „тие да бидат реална политичка дебата во државата
Тој отфрли дека имал некаква комуникација со правосудните органи, а во врска со предметите на СЈО кои почнаа да застаруваат поради измените на Кривичниот законик што Владата „тајно“ ги усвои кон крајот на август, а Собранието ги донесе на 6 септември, премиерот вели дека не може да толкува дела на никого, ниту судски одлуки
Наводите за можно враќање на Никола Груевски во земјава, а во контекст на ефектите од контроверзните измени на Кривичниот законик и одредени маневри кои во јавноста се толкуваат како обид за „оживување“ на аболициите на експретседателот на државата Ѓорге Иванов, за премиерот Димитар Ковачевски се депласирана тема.

Ваквиот став премиерот го изнесе во одговор на новинарско прашање, чиј предмет на интерес беше и дали, во истиот контекст, се точни информациите кои кружат во јавноста дека деновиве имал средба со експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Зоран Заев, а на која бил присутен и генералниот секретар на партијата, Миле Зечевиќ.
„Прво, не сум имал средба со поранешниот претседател (на партијата) по состанокот којшто го имавме на телото за стратегија во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, каде што членуваат поранешни претседатели, секретари итн. Ниту, пак, сме имале состанок заедно со генералниот секретар“,
рече Ковачевски.
Во однос на темата со враќањето на експремиерот и поранешн лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски рече дека таа е депласирана затоа што против Груевски има потерница за негово враќање во државата, но од друг аспект.
„Најискрено во однос на враќањето на поранешниот претседател на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ сметам дека тоа е депласирана тема, од аспкет на тоа што прво, против него има потерница да се врати во Македонија. И тој треба да се врати во Македонија. Меѓутоа треба да се врати за да се соочи со правдата согласно македонските закони и согласно со она коешто е донесено од независните правосудни органи“,
рече премиерот, одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на „Пивара Скопје“.
Тој отфрли дека имал некаква комуникација со правосудните органи.
„Јас сум кажал и претходно, а ќе повторам уште еднаш дека јас немам никаква комуникација со правосудните органи, бидејќи сметам дека тие треба да работат независно. Тоа може да ви каже било кој судија, обвинител, раководител во судските инстанци, освен ако се сретнеме на некој настан каде што нормално ќе се претставите со оглед дека претставувате различни власти во државата“,
рече Ковачевски.

Според него, станува збор за теми кои се „интересни за слушање и читање“, но смета оти нема основа „тие да бидат реална политичка дебата во државата.
Во врска со предметите на СЈО кои почнаа да застаруваат поради измените на Кривичниот законик што Владата „тајно“ ги усвои кон крајот на август, а Собранието ги донесе на 6 септември, премиерот вели дека не може да толкува дела на никого, ниту судски одлуки.
„Тоа ќе се обратите во судовите и во обвинителството. Ако е така како што вие кажувате, тогаш ќе се вратеше (Никола Груевски), меѓутоа не е така“,
додаде Ковачевски.
Изминативе денови во јавноста се актуелни наводите за политички притисоци врз Врховниот суд.
Минатата недела, претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во интервју за порталот „СДК.мк“ („Сакам да кажам“) рече дека вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност.
Ваквиот став Адеми го посочува говорејќи во контекст на прашањето за иницијативата за донесување на начелно правно мислење и начелен став за аболициите дадени од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов, кои во јавноста беа протолкувани како обид за нивно оживување, со цел од кривичен прогон да се спасат обвинетите во случаите отворени од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), меѓу кои и експремиерот и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Вчера, претседателката Адеми беше поканета на работна средба во Судскиот совет, но таа преку писмо испратено до јавноста нагласи дека нема да отиде на средбата поради претходно закажан настан.
Претседателката на Врховниот суд, во писмото, истакнува дека за политичките влијанија и притисоци во судството не се говори само во медиумските написи, туку и во релевантните меѓународни извештаи, кои ги оценуваат состојбите во судството и дека констатациите во извештаите се континуирани и крајно сериозни.
Гласни во обвинувањата дека ДУИ врши притисок врз Врхвниот суд за враќање на експремиерот Никола Груевски се албанскиот опозициски блок, каде што се партијата Демократско движење на чие чело е поранешниот висок функционер на ДУИ, Изет Меџити, Алтернатива и Беса.
„Тука сме да ја изразиме нашата силна поддршка за судиите од Врховен суд кои се под притисок со барањата за враќање на Никола Груевски. Како што знаеме и како што добивме информации од повеќе лица, Демократската унија за интеграција и одредени поединци кои се инсталирани во раководството на оваа партија продолжуваат да вршат невиден притисок врз судиите во овој суд… Тие имаат потреба Груевски да се обиде да прави политички пазарења со ВМРО-ДПМНЕ за влез во централизирана влада пазарејќи се со идните пратеници на СДСМ. Искрено, жалам за нивото на кое падна Али Ахмети и ДУИ, а тоа народот жестоко ќе го осуди на денот на изборите. Во оваа битка сме заедно – ние, здружената опозиција, народот, чесните судии, меѓународниот фактор, додека се гледа кој е против нас – корумпирани политичари кои спасот го гледаат во враќањето на Груевски“, изјави минатата недела Меџити пред Врховниот суд, придружуван од претседателите на Движењето Беса и Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши.