Барањето, Владата да достави писмено барање до Европската комисија преку Делегацијата на ЕУ да испратат експерти што ќе направат мониторинг на случаите за кои, според Алтернатива, има сомнежи во судските одлуки и за политички влијанија, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво насеље“, „Алмир Алиу“, беше едно од клучните барања на Алтернатива за влез во Владата пред две години
Владата ќе испрати писмо до европската делегација за одредени судски случаи, со цел да видиме дали тие би имале начин да направат одреден мониторинг врз тоа како се тие водени, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски коментирајќи ја вчерашната средба со поранешниот пратеник од Алтернатива, а сега независен, Скендер Реџепи Зејд.
„Имавме средба со Реџепи и ќе имаме средби. Разговаравме во однос на одреден број случаи за кои постоеше јавна дискусија за начинот на кој тие се воделе. Јас на ниту еден начин не сум се мешал во одлуките на правосудството, ниту тоа ќе го правам. Ниту ќе бидат консултирани правосудни странски органи, туку единствено нешто што може да се направи е до европската делегација да се испрати писмо за одредени случаи – дали тие би имале начин да направат одреден мониторинг врз тоа како тие случаи се водени. Доколку има таква можност, тогаш тие можат тоа да го направат во рамки на директивите на ЕУ. Доколку не, ќе одговорат. Писмото единствено има намера да докаже пред сите дека ние имаме правосудни органи кои функционираат независно. Тоа се потврди и денес со одлуката на Европскиот суд за човекови права“,
рече Ковачевски.
Барањето, Владата да достави писмено барање до Европската комисија преку Делегацијата на ЕУ да испратат експерти што ќе направат мониторинг на случаите за кои, според Алтернатива, има сомнежи во судските одлуки и за политички влијанија, како што се „Монструм“, „Алфа“, „Диво насеље“, „Алмир Алиу“, беше едно од клучните барања на Алтернатива за влез во Владата пред две години.
По одлуката на Алтернатива да ја напушти Владата, пратеникот Скендер Реџепи потврди дека на седницата за реконструкција на Владата ќе гласа за смена на министерот за здравство Беким Сали од Алтернатива и дека ќе го поддржи предлогот на премиерот Димитар Ковачевски за реконструкција на Владата.