Ова, велат извори од СДСМ, премиерот го предлага како компромисно решение, што би значело продолжување на европскиот пат и обединување околу стратегиските интереси, а истовремено му дава излез на Мицкоски, со оглед дека неговото клучно барање се изборите
Премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на денешната лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пристигнал со конкретни три предлози, брифираат извори од СДСМ.
Како што велат изворите, дел од планот со три предлози што премиерот ќе ги стави на маса е партиите да застанат зад уставните измени и да ги изгласаат во Собранието и со тоа, нагласуваат нашите избори, заеднички да застанат зад европската иднина на земјата. Вториот предлог од планот на Ковачевски е веднаш по усвојувањето на уставните измени да се распишат предвремени парламентарни избори.
Ова, велат изворите од СДСМ, премиерот го предлага како компромисно решение, што би значело продолжување на европскиот пат и обединување околу стратегиските интереси, а истовремено му дава излез на Мицкоски, со оглед дека неговото клучно барање се изборите.
Дали и што би се прифатило и каков исход ќе има, се очекува да се дознае по завршувањето на лидерската средба, која околу 11 часот започна во Клубот на пратеници во Скопје.
Непосредно пред лидерската, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ заседаваше и го испрати Мицкоски со задача да ги афирмира и брани партиските позиции дека тие не поддржуваат уставни измени под диктат и во поразителни околности за Македонија.
Покрај двајцата лидери, во Клубот на пратеници може да се забележат и други претставници на власта и опозициската партија: вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, шефот на кабинет на Мицкоски – Владимир Нелоски и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.