Димитар Ковачевски, кој заедно со премиерот Зоран Заев учествува на средбите со претставниците на Алтернатива, вечерва за Сител рече дека до крајот на неделата ќе има уште една или две средби, а во тек се внатрепартиските консултации
Претпоставки и шпекулации се информациите во јавноста дека со Алтернатива сме разговарале за распределување ресори или за определени имиња. Не сме дојдени на тоа ниво, туку зборуваме за одговорности во Владата по одредени прашања, вели кандидатот за претседател на СДСМ и заменик-министер за финансии, Димитар Ковачевски.
Ковачевски, кој заедно со премиерот Зоран Заев учествува на средбите со претставниците на Алтернатива, вечерва за Сител рече дека до крајот на неделата ќе има уште една или две средби. Во тек се внатрепартиските консултации.
„Вчера имавме разговори со Гаши и неговиот тим, кажавме дека е постигнат напредок во усогласувањето на програмските определби на новата можна влада. Ги разменивме и нашите мислења во однос на преземање одговорности во Владата која би се формирала ако се постиген договор. Остана да се спроведат разговори низ партиите и да се видиме уште еднаш или двапати до крајот на неделата. Во овој момент воопшто не беше тема распределувањето ресори и определување имиња, тоа што се зборува во јавноста се претпоставки и шпекулации“,
рече Ковачевски и изрази надеж дека со Алтернатива ќе биде постигнат договор.