Ковачевски најави дека на почетокот од септември земјите од оваа иницијатива заедно ќе организираат голем туристички саем на вино и храна во Србија
Следниот лидерски самит на Отворен Балкан ќе се одржи во првата половина од јуни во Охрид, информираше премиерот Димитар Ковачевски по неговиот денешен онлајн состанок со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Албанија, Еди Рама.
Ковачевски на неговиот Фејсбук профил напиша дека попладнево со Вучиќ и Рама одржал многу значаен онлајн состанок за идните чекори од нивната „заедничка, препознаена и успешна иницијатива Отворен Балкан“.
Ковачевски најави дека на почетокот од септември земјите од оваа иницијатива заедно ќе организираат голем туристички саем на вино и храна во Србија. Тој изрази и увереност дека дека македонските производители на вино и храна ќе имаат што да му покажат на регионот.
„На самитот во Охрид ќе бидат потпишани значајни договори и меморандуми за соработка во културата, туризмот и економијата и затоа на овој состанок беа присутни и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски“,
додава Ковачевски во објавата.
Тој порача и дека иницијативата Отворен Балкан останува отворена за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.
„Отворен Балкан иницијативата останува отворена за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Заедно сме Европа“,
напиша Ковачевски.