Цврсто веруваме во европската иднина за Северна Македонија и целосно сме посветени на исполнувањето на оваа стратешка цел. Меѓутоа, таа домашна задача мора соодветно да се верификува и потврди од Европската Унија, рече Ковачевски во неговото предавање на Дипломатската академија во Виена

Продолжете со поддршката за Северна Македонија на патот кон ЕУ. Во рамките на македонското Собрание, потребен ни е глас од Европа. Ќе дадеме сè од себе да ги спроведеме сите реформи и сите чекори за европската иднина на земјата, е пораката која премиерот Димитар Ковачевски денеска од Виена ја упати до колегите социјалдемократи и социјалисти во рамките на мрежата на европските социјалисти, со кои, како што рече, „делиме исти вредности“.
Премиерот Ковачевски рече дека во Европската Унија ни е потребна силна поддршка, како и во европските институции и во Европскиот парламент, со цел да не се дозволат нови околности во форма на нови политички барања.
„Единствените фактори според кои треба да се оценува Северна Македонија се резултатите и завршените постапки за скрининг-процесот и стандардите. Јас се заложив пред моите граѓани, пред македонскиот парламент и пред цела Европска Унија дека ние нашата домашна задача ќе ја завршиме. Цврсто веруваме во европската иднина за Северна Македонија и целосно сме посветени на исполнувањето на оваа стратешка цел. Меѓутоа, таа домашна задача мора соодветно да се верификува и потврди од Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Тој додаде дека долгиот пат треба да има извесен крај само врз основа на она што било постигнато, ништо повеќе и ништо помалку.
„Многу македонски генерации пораснаа чекајќи го датумот кога ќе станат дел на ЕУ, со надеж дека ќе живеат во своја земја со европски вредности“,
рече премиерот Ковачевски во неговото денешно предавање на Дипломатската академија во Виена.
Според него, време е за резултати и да нема други пречки, додавки, кочења, политички барања или нови условувања.