Во врска со преговорите, премиерот рече дека во моментов разговорите се на ниво на министерствата за надворешни работи и кога ќе има документ прифатлив за двете страни тој ќе биде споделен со јавноста
Односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија се унапредени во однос на тоа што беше претходно и нивото на комуникација помеѓу официјалните политичари и институции е на ниво на европските вредности, меѓутоа секогаш постојат поединци и групи кои сакаат односите да бидат лоши, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање во врска со правењето паралели на односот на Русија кон Украина со тој што го има Бугарија кон земјава.
„Секогаш постојат помали маргинализирани поединци и групи, кои сакаат тие односи да ги направат полоши и чија политичка агенда се заснова на лоши односи со соседите. Јас сум против тоа, Владата е против тоа, и Владата во Бугарија е против тоа, така што сметам дека соседните држави треба да соработуваат помеѓу себе, а особено оваа криза, оваа воена агресија на Русија врз Украина покажа дека Европа треба да биде обединета и силна, а тоа секако дека прво треба да се направи помеѓу соседните држави“,
рече Ковачевски.
Во контекст на новиот процес на комуникација и зголемување на довербата, тој спомена дека работните групи имаат одредени резултати, како и дека веќе се одржаа научни конференции помеѓу универзитети од двете држави, како и средби на стопанските комори.
„Сметам дека соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Исто така, и граѓаните знаат дека при воената агресија која Русија ја изврши врз Украина, при евакуацијата на нашите граѓани кои не ја напуштија земјата на време, во нивното евакуирање голем удел имаше и МНР на Бугарија. Тие имаат големо малцинство таму, пола милион жители, и при евакуацијата на нивните граѓани тие истото тоа го понудија и го реализираа и за нашите граѓаните. Во однос на разговорите тие се водат на ниво на Министерства за надворешни работи и кога ќе има одредени резултати односно документи прифатлив за двете страни, ќе биде споделен и со институциите и со јавноста“,
изјави Ковачевски.
Пред неколку дена бугарското МНР излезе со соопштение во кое реагира дека во Северна Македонија се поттикнува антибугарско расположение од политичари и јавни личности кои за таа цел ја злоупотребуваат руската воена агресија во Украина, што бугарските медиуми наведоа дека е за тоа што во земјава се прават паралели помеѓу односот и политиките на Русија кон Украина со тие што ги има Бугарија кон Северна Македонија.