Примопредавањето на премиерската функција се одржа утрово во Владата
Новоизбраниот претседател на Владата Димитар Ковачевски утрово ја презеде функцијата премиер од Зоран Заев.
Примопредавањето на премиерската функција се одржа во Владата.

Новата влада предводена од Ковачевски беше избрана синоќа во Собранието со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани.
Владата на Ковачевски има 21 член – од СДСМ 11, ДУИ шест, Алтернатива тројца и еден министер од ЛДП.
Новиот владин кабинет има еден член повеќе од досегашниот, и тоа министер без ресор, место што по формирањето на новото парламентарно мнозинство ѝ припадна на Алтернатива.

Во експозето пред пратениците пред изборот Ковачевски рече дека фокусот на владината програма е на граѓаните, економијата и на справување со последиците од пандемијата и енергетската криза. Тој посочи дека не се потребни нови избори, најавувајќи зголемување на пензиите и раст на минималната и просечната плата, како и реформи во образованието.
Говорејќи за спорот со Бугарија, Ковачевски рече дека разговорите ќе продолжат и ќе бидат интензивирани без да биде загрозен идентитетот на народот.