Убавото вино ги поврзува луѓето, вели премиерот Ковачевски откако се сретна со тенисерот Новак Ѓоковиќ во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, додавајќи дека саемот е прекрасна можност за поврзување на земјите од регионот
Премиерот Димитар Ковачевски вечерва на својот фејсбук-профил објави оти во рамки на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, се сретнал со светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ.

„Светскиот тениски ас Новак Ѓоковиќ, покрај љубовта кон тенисот има уште една пасија, а тоа е виното. Семејството Ѓоковиќ има своја винарија и денес со задоволство поразговаравме за македонското вино кое добро го познава“,
вели Ковачевски во објавата на фејсбук.
Убавото вино ги поврзува луѓето, вели премиерот, додавајќи дека саемот во Белград е прекрасна можност за поврзување на земјите од регионот.


На средбата со Ѓоковиќ присуствуваа и српскиот претседател Александар Вучиќ, како и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ.
На Белградскиот саем попладнево беше отворен Саемот на храна, вино и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, на кој учествуваат преку 330 учесници од 22 земји, од кои 160 се изложувачи од Србија, 26 од Албанија и 47 од Северна Македонија. Покрај од државите членки на Отворен Балкан, има и изложувачи од Хрватска, БиХ, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка, а купувачите се од ЕУ, САД, Кина и од источните земји.
