Покрај сите актуелни прашања кои ги засегаат иселениците, а за кои се разговарало на средбата, премиерот истакнал оти од дијаспората очекува да продолжи да дава поддршка за заокружување на процесот на интеграцијата на С Македонија во Европската Унија
Со своите бројни успеси на различни полиња, нашата дијаспора во Словенија дава голем придонес за афирмацијата на Северна Македонија во оваа земја. Ова, за време на средба со македонската дијаспора во словенечкиот град Копер, денеска го изјавил премиерот Димитар Ковчевски, кој е во работна посета на Словенија.
Покрај сите актуелни прашања кои ги засегаат иселениците, а за кои се разговарало на средбата, Ковачевски истакнал оти од дијаспората очекува да продолжи да дава поддршка за заокружување на процесот на интеграцијата на С Македонија во Европската Унија.
„Нашите иселеници во многу историски важни моменти за нашата држава ги поддржувале прогресивните процеси и исклучително е важно тие да продолжат да даваат поддршка и за заокружување на процесот на европските интеграции на Северна Македонија“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
Меѓу другото, на средбата било нагласено дека Владата излегува во пресрет и овозможува поедноставна комуникација на македонските иселеници во Словенија со родната земја на различни нивоа. Како примери биле посочени поставувањето на базната станица во амбасадата во Љубљана, каде што иселениците може да ги обновуваат своите патни исправи, но и воведувањето на авионската линија Скопје–Љубљана која ќе биде пуштена од ноември годинава.
Средбата со македонската дијаспора е во рамките на работната посета на премиерот Димитар Ковачевски во Словенија каде што ќе учествува на Бледскиот стратешки форум. На форумот, кој годинава е на тема „Солидарност за глобална безбедност“, се очекува Ковачевски да се обрати на лидерскиот панел на кој ќе учествуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и премиерите на Словенија, Албанија, Хрватска, Бугарија, Косово, Србија, Црна Гора и претседателката на Советот на министри на БиХ.