Тој нагласи дека во Институтот за македонски јазик, по 24 години, се вработуваат 17 млади луѓе, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки
Наследството на Блаже Конески е темел на македонскиот јазик, а со тоа и темел во македонскиот идентитет и во македонската национална култура. Граматиката на македонскиот литературен јазик напишана од Конески е капитално дело со трајна вредност, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски по повод „Отворени денови на Институтот за македонскиот јазик“.
„Со граматиката се поставени темелите на македонскиот стандарден јазик и е зацврстена неговата натамошна употреба“,
рече премиерот Ковачевски на настанот посветен на чествување на јубилеите: 70 години од граматиките на Хорас Лант и на Блаже Конески и 100 години од раѓањето на Тодор Димитровски.
Тој нагласи дека во Институтот за македонски јазик, по 24 години, се вработуваат 17 млади луѓе, од кои 13 научници, магистри и доктори на науки.
„Ова е вистинска грижа за македонскиот јазик – низ дела“,
посочи Ковачевски и додаде дека јазикот живее и ќе живее и преку неговата активна употреба..
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, во своето обраќање, истакна дека вложувањето во младите и во образовниот систем бара взаемна соработка.
„Јазикот претставува еден од клучните елементи за историскиот континуитет на една нација. Зад секој пишан збор, зад секоја напишана книга се крие приказната на оние кои живееле пред нас, и се овековечуваат важните настани во државата”,
порача Шаќири на денешната манифестација.
Тој додаде дека стратешка цел на Министерството за образование и наука и на Владата е поддршка на квалитетно и инклузивно високо образование и подобрување на студентскиот стандард.
„Нашите чекори водат кон една цел, а тоа е да изградиме систем кој обезбедува континуиран развој на високото образование и наука. Како институции на државата ние континуирано се трудиме на младите во Република Северна Македонија да им помогнеме да го изодат нивниот најважен пат кон академскиот свет”,
посочи министерот во своето обраќање.