Пред институциите на нашата држава претстои период на анализи и на подготовка на регулативи и на регулација на користењето на социјалните мрежи, како и на содржините кои се споделуваат на нив, рече денеска премиерот одговарајќи на новинарски прашања
Регулирањето на социјалните мрежи и содржините кои се комуницираат преку нив ќе биде сериозен предизвик пред кој во периодот што следува ќе биде исправена нашата држава како и останатите земји од светот, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Деновиве во земјава особено се наметна прашањето за забрана на социјалната мрежа ТикТок, а аргументите тргнаа од тезата дека оваа платформа има негативно влијание врз младите и претставува ризик по нивното однесување и здравје. Ова дојде откако во Србија беа извршени две одделни масовни убиства од страна на млади личности – 13-годишен ученик и 21-годишно момче.
Говорејќи за употребата на комуникациска опрема и на апликации за време на училишната настава и надвор од неа, а во контекст на нивна регулација, Ковачевски рече дека станува збор за прашање кое е предмет на анализи не само кај на нас, туку и во регионот и во светот.
„Знаете дека живееме во време на интензивни комуникации, во време кога младите, но и повозрасните користат голем број социјални мрежи на кои споделуваат најразлични содржини. Понекогаш и содржини кои не соодветствуваат на моралните и етичките стандарди кои сакаме да ги имаме во општеството и затоа пред нас и не само пред нас, туку и пред другите држави претстои период на анализи, претстои период на подготовка на регулативи и на регулација на користењето на социјалните мрежи, меѓутоа и на содржини кои се споделуваат на социјалните мрежи“,
рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Технолошко-индустриската развојна зона Штип, каде што присуствуваше на почетокот на градежните работи на инвестицискиот проект на компанијата „Магна Мехатроникс“.
Споделувајќи го искуството што пред 12 години го имал од разговорите со експерти од комуникациската индустрија во Соединетите Американски Држави, Ковачевски рече дека уште тогаш биле антиципирани предизвиците што ги носи развојот на социјалните мрежи и дека ќе дојде денот кога тие тешко ќе бидат институционално контролирани.
„Јас можам да повторам нешто што во Соединетите Американски Држави го имам разговарано пред 12 години, бидејќи бев дел од комуникациската индустрија долго време. Пред 12 години се сеќавам на еден разговор со врвни академици и практичари од комуникациската индустрија, кога сите беа среќни и задоволни што постојат социјални мрежи на кои ќе можат да се промовираат лични, но и корпоративни ставови. Меѓутоа, уште тогаш почнаа да се појавуваат коментари дека ќе дојде ден, а денот веќе е дојден, кога ваков тип на мрежи тешко ќе бидат контролирани од страна на соодветните органи во однос на содржината и начинот на кој се комуницира. Така што претстои сериозен период не само пред нас, туку и пред голем број на други институции во сите држави за тоа на кој начин ќе биде регулирано користењето и секако содржините на социјалните мрежи“,
рече Ковачевски.
По двете трагедии во Србија, пред неколку дена министерот за образование и наука Јетон Шаќири преку писмена изјава до медиуми соопшти дека ќе ѝ предложи на Владата итна проценка на состојбите и безбедносните ризици во училиштата.
Безбедносните ризици, според министерот за образование и наука, во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок. Со новите протоколи, вели тој, ваквите социјални мрежи ќе се ограничат или целосно ќе се забранат.
Од Министерството за информатичко општество и администрација рекоа дека немаат заземено став околу евентуална забрана на ТикТок, но, како што изјави ресорниот министер Азир Алиу, сметаат дека е потребна регулација на социјалните платформи.
Како што посочи Алиу, цензурата во земјава е регулирана со Уставот и затоа конечен став може да се донесе откако ќе се направат консултации и координации со правосудните инстанци и со останатите безбедносни, но и образовни институции.
Инаку, како што потврди полицијата денеска, вчера средношколец од гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип на социјалната мрежа Инстаграм објавил текст со заканувачка содржина, по што полицијата го привела.