Премиерот ова го изјави прашан дали неговата партија би поддржала претседателски кандидат од ДУИ, со оглед на вчерашната изјава на министерот Бујар Османи оти следната цел на ДУИ е претседател на државата. Рече дека кандидатот за претседател ќе биде од СДСМ, исто како и на минатите избори
Сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателскиот кандидат на изборите в година ќе биде од редовите на СДСМ, исто како што беше и на минатите избори, изјави премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пред вечерашниот состанок на Извршниот одбор на партијата.
Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање дали неговата партија би поддржала претседателски кандидат од ДУИ, со оглед на вчерашната изјава на министерот Бујар Османи оти следната цел на ДУИ е претседател на државата зашто тоа е единствената функција која сè уште има етнички монопол.
„Сите политички партии имаат свои амбиции, но претседателскиот кандидат ќе биде од редовите на СДСМ како што беше и на минатите избори и ќе ја има најшироката поддршка од политичките партии и граѓанските организации, поединци и така натаму, и тоа ќе биде претседателот на државата и во следниот мандат“,
рече Ковачевски.
Изјавата на Ковачевски доаѓа откако вчера министерот и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, изјави дека во наредните години земјава ќе го добие и првиот претседател кој ќе биде етнички Албанец, а оти следната цел на неговата партија е претседател на државата. Идејата, рече Османи, е да се разбијат етничките табуа и монополи.