„Истите тие партии кои сега се прават лавови 11 години беа како мачиња во коалиција со истата таа политичка партија ДУИ за која денеска зборуваат. И за крај би сакал да ве поттикнам и да прашам, а може и вие да прашате дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и членови на нејзиното високо раководство и колку пати во последните шест месеци барале и оствариле средби со лидерот и високи функционери на ДУИ и на тие состаноци, доколку ги имале, за што разговарале?“, јавно праша денеска Ковачевски
„Не знам, бидејќи тој поставува прашање, па претпоставувам тој го знае одговорот. Ниту една, ниту сум барал ниту имам намера да барам средба со лицето кое го споменува Ковачевски, јавно барам лидерска средба на која повеќе од три децении седнуваат сите претседатели на парламентарни политички партии и договараат датуми за избори“, одговори Мицкоски
Премиерот Димитар Ковачевски денеска јавно упати прашање до лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски колку пати тој и членови на партиското раководство во последниот период барале и имале средби со лидерот на ДУИ, Али Ахмети и со високи претставници на оваа партија.

Прашањето премиерот и лидер на СДСМ го постави во контекст на неговиот одговор пред новинарите во врска со вчерашниот момент кога вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи го напушти пресот откако Ковачевски беше прашан: „Дали остануваат на ставот дека нема да има заедно парламентарни и претседателски избори и дали се спремни како влада, ако не успеат изборите, целата држава да биде во рацете на политичката партија ДУИ“.
„Во нашата државата постојат две политички партии коишто во моментов се во опозиција, тука пред се мислам на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица на кои единствена агенда во моментов им е ширење на тензии на национална основа што го прават на секојдневна основа, коешто сметам дека ги става во прилично непријатна ситуација и медиумите, со оглед на тоа дека мора да известуваат за сè она што е кажано од политичките партии. Меѓутоа, сметам дека тоа не води напред кон еден европски концепт на државата, туку води многу назад кон еден концепт на државата која видовме како изгледаше во 2001 година, а го видовме и како изгледаше 11 години во време кога државата беше изолирана во однос на евроинтеграциите, во однос на интеграцијата во НАТО и каде што имавме комплетно детериорирање на односите, како со соседите така и внатре во нашето општество“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања за време на традиционалниот собир во прилепско Селце, а по повод одбележувањето на државниот празник 11 Октомври.
Продолжувајќи во тој контекст, тој истакна дека истите тие што денес зборуваат против одредени политички партии претходно биле заедно на власт 11 години.
„Истите тие партии, кои сега се прават лавови, 11 години беа како мачиња во коалиција со истата таа политичка партија ДУИ за која денеска зборуваат. И за крај би сакал да ве поттикнам и да прашам, а може и вие да прашате дали лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и членови на нејзиното високо раководство и колку пати во последните шест месеци барале и оствариле средби со лидерот и високи функционери на ДУИ и на тие состаноци доколку ги имале за што разговарале?“,
праша Ковачевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето одговори од Штип, каде што денеска беше во теренска посета во рамките на партиската кампања „Важно е! Од тебе зависат промените!“.
Тој рече дека немал ниту една средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ниту има намера да бара.

„Не знам, бидејќи тој поставува прашање, па претпоставувам тој го знае одговорот. Ниту една, ниту сум барал ниту имам намера да барам средба со лицето кое го споменува Ковачевски, јавно барам лидерска средба на која повеќе од три децении седнуваат сите претседатели на парламентарни политички партии и договараат датуми за избори“,
рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија вели дека Ковачевски треба да го разреши вицепремиерот Фатмир Битиќи поради неговото однесување на вчерашната прес-конференција.
Според Мицкоски, СДСМ треба да се огради од постапката на Битиќи која, како што наведе, е лоша пракса како треба да се однесуваат политичарите.
