Премиерот рече дека сите капацитети и енергија сега треба да бидат насочени кон што подобро справување со кризата и за што побрзо завршување на скрининг процесот со ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски денеска уште еднаш го повтори ставот дека предвремени парламентарни избори во земјава не се потребни особено во време на економска и енергетска криза.
Избори, порача тој, ќе има во 2024 година.
„Изборите ќе бидат во редовниот термин во 2024 година. Во овој момент државата е исправена пред огромна економска и енергетска криза, меѓутоа пред нас е и процесот на скрининг со ЕУ така што сите ресурси на државата и сите капацитети во Собранието, Владата и надвор од нив, треба да бидеме фокусирани и енергијата да биде насочена кон што побрзо завршување на скрининг фазата и кон справување со енергетската и економската криза во интерес на граѓаните. Така што, во овој момент изборите апсолутно не се приоритет“,
порача Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на настан во Делчево.
Изјавата на премиерот доаѓа откако неговиот коалициски партнер, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, во интервју за „Фокус“ објавено пред неколку дена рече дека доколку се соберат 60 пратеници, тој ќе биде 61. што ќе гласа „за предвремени избори во мај следната година.
„Со оглед на целокупните состојби, речиси сите партии сметаат дека сега не е време за избори, затоа што сме во криза. Да видиме како ќе се одвиваат работите. Мислам дека е поразумно, доколку се отвори таа тема, да се постигне договор евентуално за идната година. Предвремени избори да се одржат во април или во мај. Ако има 60 пратеници ‘за’, јас би бил 61-от. Тоа е добро и за СДСМ и за претседателот Ковачевски, за да добие легитимитет. Бидејќи еден од главните напади од политичките противници и критичарите е дека тој не бил на избори. Засега нема некое посебно расположение кај СДСМ и ДУИ за предвремени избори. Но, ќе видиме дали состојбите ќе наметнат услови сепак да се организираат предвремени избори“,
рече Трајанов за „Фокус“.