Ковачевски истакна дека вратите се отворени за сите политички партии што се за концептот за европска Северна Македонија, односно сакаат да бидат дел од сојузот за Европа
Алијанса за Албанците има изразено политичка волја за европски концепт на државата. Дали ќе влезе во Владата, постојат шанси за тоа, исто како што кажаа и другите политички лидери. Дали ќе се случи тоа, ќе зависи од политички договор, се разбира. Тој политички договор секогаш има два апсекта, едниот е програмски, а другиот кадровски и додека не се случи такво нешто не можеме да зборуваме со сигурност дека ќе има уште еден владин партнер, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.
„Меѓутоа, јас кажав уште пред три месеци, дека сите оние кои сакаат да се приклучат кон концептот за европска Македонија сега е времето тоа да го направиме бидејќи од нас зависи побрзото пристапување на државата во ЕУ“,
нагласи тој.
Одговарајќи на новинарско прашање околу иницијативата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, за алијанса за Европа, премиерот Ковачевски рече дека во нашата држава постојат два концепта.
Едниот концепт, како што посочи Ковачевски, е за европска Северна Македонија – концепт во кој политичките партии кои го поддржуваат СДСМ – партнерите од коалицијата, ДУИ, Алтернатива, Алијанса за Албанците и други политички партии кои го поддржуваат концептот на пристапување и зачленување на земјата во Европската Унија и кои го поддржаа зачленувањето во НАТО.
„И од друга страна, има концепт на политички партии, тука пред се мислам на Левица и на нивниот заложник ВМРО-ДПМНЕ, кои што се против членството во НАТО, што го потврдија во свои јавни изјави и против членството во Европската Унија, што сметам дека е погрешен концепт, бидејќи не нуди алтернатива. Дури уште полошо, Левица нуди некаква алтернатива на евроазиска унија, која во ниту еден случај не е во согласност со определбите на граѓаните на нашата држава“,
изјави премиерот.
Ковачевски истакна дека вратите се отворени за сите политички партии кои што се за концептот за европска Северна Македонија, односно сакаат да бидат дел од сојузот за Европа.
Дека постојат шанси за влез на Алијанса за Албанците во Владата, пред два дена потврди и лидерот на оваа партија Арбен Таравари.
„Постои можност за влез во Владата. Конкретна понуда нема, но ние сме во постојана комуникација. Гледате како е во Собранието. Мислам дека сме 60-60. Собранието не може да создаде мнозинство без помош на Алијансата“,
рече Таравари за ТВ21.
Според него, можноста постои затоа што тоа го бара меѓународниот фактор, и доколку тоа го бараат и граѓаните, во тој случај Алијанса може да биде дел од Владата.
„Ако не станеме дел од Владата, тогаш одиме на избори. Нема друго решение. Сепак, приоритет за нас се уставните измени и затоа сме спремни да станеме дел од Владата за да го помогнеме процесот“,
додаде Таравари.